Sarp Özer
31 Август 2016•Ажурирај: 01 Септември 2016
ЏАРАБУЛУС (АА) - Продолжува операцијата „Штитот на Еуфрат“ против терористичките закани во подрачјето на Џарабулус, на турско-сириската граница, која ја изведуваат заедничките специјални единици на турските вооружени сили и коалициските воздушни сили. Операциите што на 24 август ги започнаа силите приврзани за Умерената опозиција, досега од терористичките елементи расчистија простор од 400 километри. Умерената опозиција воспостави контрола од местото каде што се соединува Саџур Чај со реката Еуфрат на исток, до подрачјето на Ез Захиријах-Ел Јакубијах-Хасансагир на запад, вклучувајќи ги и населените места, јавува Anadolu Agency (AA).
Едно од најзначајните места коишто ги спаси Умерената опозиција е градот Џарабулус. Со поставување безбедносни точки, воспоставена е контрола во градот, со што животот повторно се врати во нормала. Речиси половина од претпријатијата во Џарабулус започнаа со работа, и фурните започнаа да функционираат.
Граѓаните на Џарабулус ги исполнија маркетите и пазарите. Поради прекинот на електричната енергија во центарот на градот, најбарани се продавачите на генератори за струја и сервисерите на генератори.
И уличните продавачи ги отворија своите тезги. Граѓаните на Џарабулус почнаа своето време да го минуваат на улиците од градот.
Луѓе од околината на градот, кои сакаа да останат анонимни, годините минати под управување на терористичката организација ДАЕШ ги опишаа како „пекол“. Еден од нив рече дека по повеќе прашања биле ограничени, додавајќи дека поради „недоволната должина на брадата“ бил казнет со 15 камшикувања.
Трговците истакнаа дека во периодот кога управувал ДАЕШ не можеле во потполност да го остварат својот бизнис, бидејќи голем дел од граѓаните го напуштиле градот. Тие веруваат дека со преземањето на контролата во градот од страна на Умерената опозиција, сѐ ќе биде подобро. Можеа да се забележат децата кои си играа на улиците, и жените како пазаруваат.
Од друга страна, продолжуваат безбедносните контроли во центарот на градот од страна на силите приврзани на Умерената опозиција.