İnci Gündağ
26 Август 2017•Ажурирај: 27 Август 2017
ЛОНДОН (АА) - Британската полиција соопшти дека детективи на единиците за борба против тероризмот го испитуваат лицето кое вчера беше приведено поради напад со нож на двајца полициски службеници пред Бакингмската палата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението што го даде британската полиција во врска со настанот се вели дека во 20:35 часот според локално време, пред Бакингемската палата полициски службеник запрел возило бидејќи се обидело да влезе во улицата Мол, подрачје во кое пристапот е забранет.
Во соопштението се наведува дека полицаецот приближувајќи се до возилото забележал дека во возилото има голем нож, при што побарал од возачот да излезе за да го приведе. Возачот не сакал да го напушти возилото и спротивставувајќи се, ги повредил двајцата полициски службеници по рацете.
Во соопштението се додава дека истрагата за случајот ја водат детективи од одделот за борба против тероризмот, додавајќи дека приведениот 26-годишен напаѓач, освен за поврзаност со тероризам, се товари и за напад врз полициски службеници и намерно ранување на лица. Испитувањето на осомничениот продолжува во полициска станица во центарот на Лондон.
Во нападот што се случи синоќа пред официјалната резиденција на британската кралица Елизабета II, полесно беа повредени двајца полициски службеници. Во соопштението се вели дека повредените полицајци се наоѓаат во добра здравствена состојба.
Поради зачестените терористички напади во Англија, безбедноста се е на „сериозно” ниво, кое е еден степен под највисокото ниво. Поради тоа е зголемен бројот на вооружени полициски службеници пред британскиот Парламент, Бакингемската палата, Владата, познатиот плоштад Трафалгар и на голем број места низ градот кои го привлекуваат вниманието на туристите.