Ekipa
02 Октомври 2019•Ажурирај: 02 Октомври 2019
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја утрово лансираше проектили со краток дострел кон отворени води од својот источен брег, еден ден откако соопшти дека ќе одржи преговори на работно ниво со Соединетите Американски Држави (САД) овој викенд, пренесува Anadolu Agency (AA).
Националниот совет за безбедност на Јужна Кореја истакна дека смета оти станува збор за тестирање на балистичка ракета лансирана од подморница, пренесе јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ (Yonhap).
Бидејќи Северна Кореја има забрана за тестирање балистички ракети од Обединетите Нации (ОН), а со оглед на фактот што проектилите лансирани со подморници се потенцијално потешки за одбрана, Советот изрази силна загриженост.
Ова е 11. пат на лансирање ракети од страна на Северна Кореја оваа година.
И покрај тоа што американскиот претседател, Доналд Трамп, изрази подготвеност за толерирање на тестирањето ракети со краток досег, тајмингот можеби ги изненади набљудувачите со оглед на планот за дијалог за оваа сабота.
Државните медиуми на Северна Кореја беа многу критично настроени кон Сеул во врска со демонстрацијата на новокупените воени авиони „F-35“ на Јужна Кореја од Соединетите Американски Држави (САД) за време на церемонијата на Денот на вооружените сили еден ден претходно.
Севернокорејскиот весник „Родонг Синмун“ тврди дека постоечкиот ќор-сокак во меѓукорејските односи, кој и понатаму трае и покрај пограничната средба на лидерите на двете Кореи и на САД во јуни, „лежи во предавничкото однесување на властите на Јужна Кореја“.
По серијата самити меѓу двете Кореи минатата година, весникот истакнува дека Сеул се согласил да работи кон подобрување на односите, но наместо тоа „прави завери со надворешните сили и е вклучен во прикривање на непријателските акти“.
Пјонгјанг континуирано негодува и за воените вежби помеѓу трупите на САД и Јужна Кореја.