Muhammet Nusret Altun
06 Август 2019•Ажурирај: 07 Август 2019
АНКАРА
Јужнокорејската армија соопшти дека Северна Кореја, по четврти пат во рок од две недели тестирала „неидентификувани“ ракети со краток дострел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Генералштабот на Јужна Кореја пренесено од агенцијата „Јонхап“ се истакнува дека Северна Кореја во 5:24 и 5:36 часот по локално време, од регионот Јужен Хвангае кон Источно Море (Јапонско Море) тестирала ракети со краток дострел.
Во соопштението се вели дека ракетите достигнале надморска височина од околу 37 километри и се движеле околу 450 километри.
Тестирањето на ракетите од страна на Северна Кореја се совпадна со почетокот на заедничките вежби на Јужна Кореја и Соединетите Држави. Јужна Кореја истакна дека ќе го следи процесот на тестирањата на ракетите на Северна Кореја.
Портпаролот на претседателот на Јужна Кореја, Ко Мин Џунг, истакна дека Владата одржала итен состанок откако Северна Кореја ги тестираше ракетите.
- Ракетни тестирања на Северна Кореја
Северна Кореја на 25 јули кон Источното Море лансираше две ракети со краток дострел, опишувајќи ги како „тактичко управувано ново оружје“.
На 31 јули Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја лансирала две ракети со краток дострел на источниот брег на земјата. Ракетите лансирани од градот Вонсан биле во дострел од 250 километри и достигнале висина од 30 километри.
Пјонгјанг соопшти дека овие проектили биле првиот тест за лансирање на нов мултиракетен систем.
Северна Кореја, во петокот, од областа Јонгхунг кон Источното Море по третпат тестираше ракети со краток дострел.
Се истакнува дека најновите ракетни испитувања во Северна Кореја можат да фрлат сенка на иницијативите за повторно започнување на преговорите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун.