Ekipa
13 Јуни 2018•Ажурирај: 13 Јуни 2018
СЕУЛ (АА) - Државната новинска агенција на Северна Кореја (KCNA) денес објави текст за лидерот на тaa земја, Ким Џонг Ун, и неговите достигнувања на вчерашниот историски состанок со американскиот претседател Доналд Трамп во Сингапур, пренесува Anadolu Agency (AA).
Потсетувајќи дека лидерите на двете земји со задоволство ги прифатиле повиците за заемна посета, КЦНА наведува дека посетите на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун на Вашингтон или на американскиот претседател Трамп на Пјонгјанг ќе бидат настани без преседан.
И покрај тоа што и Трамп и Ким беа среќни поради севернокорејскиот договор за денуклеаризација на Северна Кореја со американски безбедносни гаранции, не е договорен прецизен план за тој процес и дали тој е во согласност со претходните очекувања на Вашингтон нуклеарното оружје и капацитетите на Северна Кореја да се уништат целосно, сигурно и неповратно.
Резултатите од вчерашниот самит повеќе се на страната на најавениот план на Ким за постепена промена на состојбата на терен.
Државната новинска агенција на Северна Кореја нагласува дека е неопходно продолжување на градењето доверба и процесите постепено да се одвиваат со симултани чекори во правец на изградба на мир и денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
Агенцијата посебно го поздравува најавеното завршување на американско-јужнокорејските воени вежби во регионот.
Трамп вчера по самитот изјави дека воените вежби ќе бидат завршени бидејќи биле скапи и провокативни.
Ким тие вежби ги нарече иритантни и непријателски воени акции кои треба да се запрат.
Кратко откако Новинската агенција на Северна Кореја (KCNA) објави текст за самитот, американскиот претседател Трамп се огласи на Твитер и напиша низа оптимистични пораки.
„Лидерот Ким пред себе има можност да биде запаметен како лидер кој својот народ го вовел во светот на нова ера на безбедност и просперитет“, порача Трамп.
Трамп, исто така, изјави дека целиот свет ќе има добивка кога нема да има лансирања на ракети и нуклеарни тестирања.