Erdoğan Çağatay Zontur
22 Мај 2020•Ажурирај: 23 Мај 2020
АНКАРА
Семејството на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги соопшти дека им простува на неговите убијци, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во оваа благословена ноќ од овој благословен месец се сеќаваме на божјите изреки дека наградата кај Алах ја заслужил оној кој простил и склучил помирување“, напиша на Твитер синот на Кашоги, Салах.
Тој понатаму во пораката наведе дека синовите на Џамал Кашоги им простуваат на убијците за да ја заслужат наградата кај Бога.
Саудискиот новинар Џамал Кашоги, колумнист во американскиот весник „Вашингтон пост“, беше убиен во Саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври.
По неколкудневни негирања, властите на Саудиска Арабија признаа дека Кашоги е убиен, а дополнително Судот во Саудиска Арабија изрече смртни казни на петмина обвинети. Уште тројца обвинети добија затворски казни во траење од 24 години. Блиските соработници на принцот Бин Селман се ослободени од сите обвиненија.
Телото на Кашоги не беше никогаш пронајдено.
Комесаријатот за човекови права на Обединетите нации (OHCHR) во извештајот на 101 страница тврди дека убиството на Кашоги е чин кој Саудиска Арабија го извршила со предумисла. Во извештајот се наведува дека постојат докази за неопходноста од спроведување на истрагата за вмешаност на највисоките саудиски официјални претставници во тоа убиство, вклучувајќи го и принцот Бин Селман.