Mıchael Gabrıel Hernandez
17 Јануари 2020•Ажурирај: 18 Јануари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Со читањето на обвинението, во американскиот Сенат официјално е започнато судењето за отповикување на претседателот на САД, Доналд Трамп, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на Разузнавачкиот оддел Адам Шиф, на глас ги прочита двете обвиненија што му се ставаат на товар на Трамп.
Шиф предводи тим од седум членови на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес кои го водат судењето, а со читањето на обвинението Трамп официјално стана трет претседател во историјата на САД на кого во Горниот дом на Конгресот од Сенатот му се суди за отповикување.
На почетокот на обраќањето Шиф изјави дека досега ниту еден претседател не го попречил процесот на истрагата и судењето за отповикување, а дека од Кабинетот на Трамп тоа го правеле за да ја прикријат злоупотребата на позицијата и да го оневозможат вршењето на овластувања кои се исклучиво во надлежност на Претставничкиот дом.
Заклетва положија членовите на Сенатот и шефот на Врховниот суд, Џон Робертс, кој ќе го води процесот на судењето.
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес кон средината на декември минатата година го изгласа отповикувањето на Трамп, меѓутоа за американскиот претседател да биде сменет, потребно е спроведување судење во Сенатот.
Демократите ја одбија итната постапка, тврдејќи дека Сенатот, кој е со републиканско мнозинство, ги отфрла сведоците и тврди дека нема да одржи фер судење.
Трамп неодамна на социјалната мрежа Твитер ги обвини демократите дека не сакаат итно судење затоа што воопшто немаат докази.
„Значи, откако демократите не ми дозволија уредна постапка во Домот како што треба, со адвокати, сведоци, тие сега сакаат да му кажат на Сенатот како да го спроведе судењето. Всушност, тие немаат никакви докази и нема ни да се појават. Сакам итно судење“, рече Трамп.
На гласањето во Претставничкиот дом, над кое контрола имаат демократите, претходеше тримесечна истрага на обвиненијата за тоа дека Трамп вршел притисок врз Украина да ги истражи неговите политички ривали и дека ги ускратил американската безбедносна помош и состанокот во Белата куќа. Истрагата доведе до обвиненија по две точки, за злоупотреба на позицијата и за опструкција на Конгресот.
Постапка за отповикување на американски претседател е започната само двапати по донесувањето на Уставот на САД. Претседателите Ендру Џонсон (1868) и Бил Клинтон (1998) беа ослободени во Сенатот, додека Ричард Никсон (1974) се повлече од функцијата пред да биде отповикан. Трамп е трет американски претседател кој се соочува со процедурата за отповикување во Сенатот.