Büşranur Koca
17 Ноември 2023•Ажурирај: 20 Ноември 2023
АНКАРА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) соработува со египетски официјални лица за олеснување на евакуацијата на 36 предвреме родени бебиња од болницата Ал Шифа во Газа, која моментно е цел на израелска воена операција, изјави вчера Рик Бренан, директор на СЗО за итни случаи во регионот на Источен Медитеран, пренесува Анадолу.
Бренан за Еј-би-си њуз изјави дека евакуацијата е откажана поради недостигот на гориво и лошата безбедносна ситуација.
Според негови зборови, СЗО веќе со денови не е во можност да комуницира со болниците во северниот дел на Појасот Газа.
„Тоа е целосно очајна ситуација“, додаде Бренан.
Според СЗО, во болницата останале околу 600 пациенти, меѓу кои 36 новороденчиња и 27 пациенти на интензивна нега, 280 медицински работници и 2.500 раселени лица.
Бранан рече дека заедно со египетските официјални лица, СЗО преговара со Израел преку Обединетите нации (ОН) за да се обезбедат сигурносни гаранции и безбеден премин за евакуација.
Израел спроведува немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад на Хамас на 7 октомври. Во израелските напади досега се убиени најмалку 11.500 Палестинци, од кои 7.900 деца и жени, а повеќе од 29.800 се ранети.
Илјадници згради, вклучително и болници, џамии и цркви се оштетени или уништени во израелските бомбардирања и гранатирања.
Израелските власти го ревидираа бројот на убиени Израелци од 7 октомври досега на околу 1.200.