Saadet Gökce
14 Мај 2026•Ажурирај: 14 Мај 2026
Кинескиот претседател Си Ѓингпинг денес предупреди на можни судири меѓу Кина и САД доколку прашањето за Тајван не се решава соодветно, јавијa кинеските државни медиуми, пренесува Анадолу.
Прашањето за Тајван е „најважното прашање во односите меѓу Кина и САД“, му рекол Си на американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговиот прием во Големата народна сала, церемонијалното седиште на Кина, јави новинската агенција „Синхуа“.
„Доколку се постапува правилно, билатералните односи ќе уживаат општа стабилност. Во спротивно, двете земји ќе се соочат со судири, па дури и конфликти, со што целиот однос ќе биде доведен во голема опасност“, изјави тој.
„Мирот во Тајванскиот Теснец е неспоив со независноста на Тајван како 'огнот и водата'“, нагласи Си.
„Зачувувањето на мирот и стабилноста во Тајванскиот Теснец е најголемиот заеднички именител меѓу двете земји“, додаде тој.
Конфликтот на Блискиот Исток, Тајван, трговијата и царините беа меѓу темите за кои се очекуваше да бидат на врвот на агендата во разговорите меѓу двајцата лидери.
Трамп во понеделникот изјави дека ќе го отвори „тоа прашање со претседателот Си“, одговарајќи на новинарско прашање за поддршката на САД за одбраната на Тајван.
„Претседателот Си би сакал да не го правиме тоа, па затоа ќе ја имам таа дискусија. Тоа е една од многуте работи за кои ќе разговарам“, додаде Трамп.
Според „Њујорк тајмс“, двопартиска група сенатори побарале од Трамп да продолжи со реализацијата на одложениот рекорден пакет вооружување за Тајван во вредност од 14 милијарди долари, кој со месеци е заглавен во Стејт департментот.
Како најголем снабдувач на оружје за Тајван, САД минатата година одобрија продажба на оружје во вредност од 11 милијарди долари, што предизвика протест од Пекинг.
Кина го смета Тајван за своја „отцепена провинција“, додека Тајпеј инсистира на својата независност од 1949 година.