Eşref Musa,Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmad Wais
07 Јуни 2020•Ажурирај: 08 Јуни 2020
ИДЛИБ (АА) - Силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад и странските терористички групи што ги поддржува Иран со артилерија ги палат земјоделските посеви на жителите од руралните подрачја на Идлиб и Алепо.
Според информациите до кои дојде новинарот на Агенција Анадолија (АА), режимските сили стационирани североисточно од Идлиб со топови и минофрлачи ги гаѓаат засадените полиња во местото Тефтеназ и на тој начин ги палат посевите на локалното население.
Претседателот на локалниот Совет во Тефтеназ, Мунир Хатиб, за АА изјави дека нападите на режимските сили врз Серакиб, па сѐ до селото Кефер Халеп, се интензивирани, со оглед на тоа што е започната сезоната на жетва.
Наведувајќи дека цел на режимските сили се машините за жетва што се наоѓаат на полињата во близина на линијата на фронтот под контрола на опозицијата, Хатиб истакна дека целта на ваквите напади е да се остават цивилите гладни.
Претставниците на Цивилната одбрана наведуваат дека не се во состојба да ги изгаснат пожарите на нивите, со оглед на тоа што се наоѓаат во непосредна близина на линијата на фронтот.
Силите на Асад претходно го користеа овој метод познат како „гладна бомба“ со кој намерно го уништуваат обработливото земјиште. Така, во 2018 и 2019 година уништија десетици хектари во Идлиб и Хама засадени со пченица и јачмен.
Турција и Русија во март годинава договорија протокол со кој се повикуваат сите страни во Идлиб на прекин на огнот, а турските и руските сили во својство на гаранти на примирјето заеднички спроведуваат контролни патроли по должината на линијата на раздвојување, односно по должината на Автопатот М4. Заедничките патроли започнаа на 6 март.
Идлиб е најголемата енклава под контрола на сириската опозиција, што е под опсада од силите лојални на режимот на Башар ал Асад и неговите сојузници.
Турција сака да ги заштити цивилите во тој регион и да го расчисти од терористички елементи. Официјална Анкара се залага за формирање безбедносна зона за цивилите по должината на сирискиот пограничен појас, сѐ со цел да им се помогне на тие цивили и да се спречи нов бран мигранти кон Турција и Европа.