Adham Kako
28 Март 2020•Ажурирај: 28 Март 2020
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (СНХР) соопшти дека во нападите на силите на режимот на Башар ал Асад и Русија извршени од 12 јануари до 6 март во Зоната за деескалација во Идлиб загинаа околу 400 цивили, пренесува Агенција Анадолија (АА).
СНХР го објави билансот на нападите на силите на Асадовиот режим и неговиот сојузник, Русија, во Зоната за деескалација во периодот помеѓу два примирја кои стапија во сила на 12 јануари и 6 март во посредство на Турција и Русија.
Според тоа, како резултат на нападите на Русија, и силите на режимот кои се состојат од војската на Асадовиот режим и странските терористички групи поддржани од Иран, животот го загубија 387 цивили меѓу кои 104 деца и 62 жени.
Во нападите на силите на режимот загинаа 174 цивили, меѓу кои 40 деца и 18 жени, додека во нападите на Русија загинаа 213 цивили, меѓу кои 64 деца и 44 жени.
Инаку, во соопштението на Министерството за национална одбрана на Турција објавено на 10 јануари беше наведено дека Турција и Русија се согласија за примирје во регоинот почнувајќи од полноќ на 12 јануари 2020 година.
Но, Асадовиот режим и неговите сојузници го игнорираа ова примирје и ги продолжија нападите во Идлиб.
По тоа, претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин, на 5 март повторно се состанаа во Москва каде постигнаа нов договор, додека последното примирје стапи во сила на полноќ на 6 март во 2020 година.
Покрај прекршувањата на силите на режимот во некои точки, примирјето се почитува во голема мера.
Од друга страна, во нападите на режимот и неговите поддржувачи извршени од постигнувањето на Договорот во Сочи досега во Идлиб загинаа над 1.800 цивили. Бројот на лицата кои мигрираа од јануари 2019 година досега изнесува 1 милион и 942 илјади лица.