Mehmet Burak Karacaoğlu,Ethem Emre Özcan,Ahmet Karaahmet
11 Јануари 2021•Ажурирај: 13 Јануари 2021
ИДЛИБ (АА) - Новинарите во Сирија, каде што продолжува Граѓанската војна, во интервјуто со дописникот на Агенција Анадолија (АА) зборуваа за тешкотиите со кои се соочуваат и за моментите кога се соочиле со смртта.
Абдулкадир Бекри од Идлиб е еден од новинарите кои ги документираат воените злосторства на режимот на Асад.
Својата новинарска професија Бекри ја започнал со снимањето на мирните демонстрации во Идлиб 2011 година. Тој бил сведок на масакрите и бомбардирањата на режимот и неговите приврзаници, на миграцијата на цивилите и страдањата на луѓето.
Наведувајќи дека новинарството е професија полна со опасности, Бекри истакна дека бил погоден во нападот со хемиско оружје организиран од режимот на Асад во Хан Шејхун во април 2017 година.
Истакнувајќи дека се вратил од смртта, Бекри ги опиша тие моменти: „Отидовме на местото на настанот за да го документираме хемискиот напад врз Хан Шејхун. На почетокот мислевме дека нападот е изведен со гасот хлор. Но, дознавме дека е со гасот сарин. Доволни беа само 6 секунди за да бидеме погодени од гасот. Најпрвин беше погоден мојот пријател Абед Кантар. Откако го однесов во болница и јас осетив дека сум погоден. На интензивна нега останав два дена во несвесна состојба.“
Бекри рече дека биле подложени на напади, закани и атентати затоа што се обиделе да објаснат што се случува на теренот, и дека по цена на животот ќе продолжат да ги објавуваат злосторствата на режимот и неговите приврзаници.
Тој, исто така, подвлече дека има потреба од гарантирање на безбедноста на нивниот живот и од заштита на нивните права на теренот.
- „Медиумските работници се изложени на напади и атентати“ -
Саиф Абдулах од Хама, кој беше повреден во левата нога додека се обидуваше да ги документира нападите на режимот на Асад на 22 февруари 2017 година, рече дека новинарската професија ја започнал со цел да го извести светот за мирните демонстрации во Сирија.
Истакнувајќи дека со ограничени средства се обидуваат да бидат гласот на народот, Абдулах рече: „(На почетокот на Граѓанската војна) Бевме подложени на притисоци и приведувани од страна на режимот на Асад. Се извршуваа атентати и директно бевме бомбардирани.“
Нагласи дека ги документирале прекршувањата на режимот на Асад, и дека и по цена на својот живот нема да се откажат од таа работа.
„(Во 2017 година) Додека ги документиравме нападите на режимот, бевме бомбардирани. Го изгубивме нашиот пријател Ебу Јазид. Јас и моите тројца колеги бевме повредени. Повредата негативно влијаеше и на мојот социјален живот и на мојата работа. Моето лекување продолжува. Настанот ме оддалечи од моите колеги.“
Истакнувајќи дека треба да се осигури безбедноста и животот на новинарите на терен, Абдулах рече: „Медиумските работници во Сирија се изложени на напади и атентати. Новинарството е гласот на вистината. Сакаат да го потиснат тој глас. На сите повредени новинари им посакувам брзо заздравување и во најкраток временски рок да се вратат на теренот.“
- Што велат бројките?
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) го сподели со новинарот на АА ажурираниот извештај за повредите на правата што ги претрпеле новинарите во Сирија.
Според извештајот што ги документира кршењата на правата на цивилите, во периодот од март 2011 година до јануари 2021 година од групите што војуваат убиени се 709 припадници на медиумите, од кои 551 од страна на режимските сили.
Од медиумските работници што ги изгубија животите, 9 се од странските медиуми, а во тој период повредени се 1.571 медиумски работник.
Во Граѓанската војна што продолжува, од приведените вкупно 1.183 медиумски работници, 427 сè уште чекаат да бидат ослободени.
- АА изгуби 4 медиумски работници во Граѓанската војна во Сирија -
Со избувнувањето на Граѓанската војна во Сирија, 4 медиумски работници што работеа за АА ги загубија своите животи како резултат на нападите од различни страни.
Репортерот на АА во Алепо, Салих Махмуд Лејла, загина во нападот со возило натоварено се експлозив од страна на ДЕАШ во 2015 година.
Весим ел Адил, новинар, соработник кој обезбедуваше фотографии за АА во провинцијата во Идлиб, загина на 23 септември 2015 година како резултат на нападот на руските авиони во областа Бинин.
Дваесет и едногодишниот Меџид Дирани, слободен дописник на АА, го загуби животот на 19 февруари 2016 година во областа Дареја, во Дамаск, кога се обидуваше да го улови моментот на нападот организиран од силите на Асад. Шрапнелите го погодија неговото тело за време на огнот отворен од тенк.
Дваесет и двегодишниот Енес Дијаб, кој исто така работеше како слободен дописник на АА од Сирија, загина на 21 јули 2019 година во воздушниот напад на Русија, поддржувачот на режимот на Башар ал Асад, во Идлиб.