Ahmet Karaahmet,Mehmet Burak Karacaoğlu
21 Јуни 2021•Ажурирај: 22 Јуни 2021
ИДЛИБ (АА) - Припадниците на силите на режимот на Башар ал Асад и терористичките организации што ги поддржува Иран извршија напад врз селата Вара и Ихсим во Сирија, во кој загинаа седум, а ранети се 10 цивили, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хасан ел Ахмед, од Одделот за медиуми при Цивилната заштита на Сирија (Бели шлемови), соопшти дека режимските сили извршиле напад врз селата Бара и Ихсим, во јужниот дел на Идлиб.
Во нападот во Бара загинаа двајца, а во Ихсим пет цивили.
Ранети се десет лица кои се однесени во болница.
Режимските сили во утринските часови ги гранатираа и Месун, Мастум, Сфохин, Филјфил, Кенсафр и Бејлин.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, во текот на преговорите во мај 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за една од четирите зони на деескалација. Силите приврзани на режимот на Асад го прекршија договорот и зазедоа 3 зони, а во Сочи на 17 септември 2018 година постигнат е дополнителен договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациска зона.
Во согласност со договорот, опозициските сили го повлекоа тешкото вооружување од регионот, но силите приврзани на режимот на Асад не ги прекинаа артилериските и воздушните напади во тој регион.
Руските и режимските сили во мај 2019 година започнаа воена операција, а заземени се неколку подрачја во зоната на деескалација на судирите во Идлиб.
Турција и Русија во март минатата година договорија протокол со кој сите страни во Идлиб се повикуваат да го прекинат огнот, а турските и руските сили, во својство на гаранти на примирјето, спроведуваат заеднички контролни патроли по должината на линијата на разделување, односно по должината на автопатот М4.
Иако режимските сили повремено го кршат, примирјето во голема мера се почитува.
Поради нападите на силите лојални на режимот на Асад, од Идлиб во колективните центри во близина на турската граница од 2017 до 2020 година побегнаа речиси два милиона Сиријци.