Halit Süleyman
06 Октомври 2017•Ажурирај: 06 Октомври 2017
ДЕИР ЕЗ-ЗОР (AA) - Во воздушните напади што во последите 24 часа беа изведени на подрачјето на сирискиот град Деир ез-Зор загинаа 79 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Ахид Силејби, активист во овој сириски град на границата со Ирак, потврди дека воените авиони на Русија и силите лојални на сирискиот претседател Башар ал-Асад интензивно ги бомбардираат подрачјата во коишто живеат цивили.
Тој истакна дека само во последните 48 часа загинаа 79 цивили, а ранети се десетици. Силејби нагласи дека цел на нападите се цивилите кои се обидуваат да побегнат од судирите во Диер ез-Зор.
Руските авиони нападнаа конвој со цивили кои се обидуваа да преминат преку реката Еуфрат, во близина на Диер ез-Зор. Не е познато колку цивили загинаа, а колку се ранети во овој напад, изјави Ахид Силејби, активист во овој сириски град на граница со Ирак.
Од Меѓународниот комитет на Црвениот крст вчера беше соопштено дека во нападот загинаа десет членови од исто семејство, кои се обиделе да побегнат од овој сириски град.
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) на почетокот од месецот соопшти дека во воената интервенција на Русија во Сирија, која трае веќе две години, загинаа најмалку 5.233 цивили.
Сириската мрежа за човекови права потсети дека Русија на 30 септември 2015 година започна воена интервенција во Сирија под изговор борба против тероризмот и поддршка на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Од таму додаваат дека само во септември загинаа најмалку 900 лица, меѓу кои и 200 деца и повеќе од 140 жени.