Zehra Nur Düz
16 Февруари 2021•Ажурирај: 17 Февруари 2021
ИДЛИБ/АНКАРА (АА) - Масакрот врз цивилите во сириската покраина Хама, што се случи во 1982 година, а беше извршен од страна на режимот на поранешниот претседател Хафез ал Асад, таткото на актуелниот претседател Башар ал Асад, сè уште го прогонува Азам Ибејси, дури и по 39 години откако беше извршен, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На четвртиот ден од масакрот, нашето подрачје беше под опсада и режимските војници започнаа да вршат упади во нашите домови. Војниците започнаа да пукаат во мажите, старите лица и децата пред нивните домови“, изјави 62-годишниот Ибејси за АА.
„Кога го напуштивме нашиот дом наредниот ден, видовме мртви тела насекаде низ градот. Имаше и повредени лица, но никој не се осмелуваше да им пријде да им помогне бидејќи нашето подрачје беше опколено со војници. Телата беа оставени на улиците најмалку една недела. Подоцна, беа закопани масовно“, се присети Ибејси.
Тој рече дека 13 млади лица од неговите роднини биле убиени од страна на режимските сили во масакрот.
„Тие убија илјадници лица, вклучувајќи жени, деца, млади и стари лица. Телата на децата со отсечени екстремитети сè уште ме прогонуваат во моите соништа. Режимот не нè гледа како човечки суштества“, рече Ибејси.
„Режимските сили притворија најмалку 15.000 лица и ги однесоа во затворот Тадмор (Палмира) во Хомс“, изјави Ибејси и додаде дека само оние што успеале да побегнат од градот го преживеале масакрот, а тој е еден од нив.
„Посакувавме меѓународната заедница да биде фер кон населението на Хама, но за жал, не беше. Меѓународната правда не ни го даде нашето право. На извршителите на овој масакр не им се судеше во меѓународните судови“, изјави тој.
Масакрот беше извршен во периодот од 2 до 28 февруари 1982 година во сирискиот град Хама, кога Ал Асад го сруши градот за да го уништи бунтот на сунитите, убивајќи речиси 20.000 свои луѓе.
Во операцијата предводена од братот на Ал Асад, Рифат ал Асад, градот Хама беше опколен и бомбардиран пред војниците да влезат и да извршат масакр.