Mehmet Burak Karacaoğlu
03 Септември 2021•Ажурирај: 04 Септември 2021
ИДЛИБ (АА) - Едно дете загина, а двајца цивили се ранети во воздушен напад што го изврши руски воен авион во зоната на деескалација во Идлиб во Сирија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Опозициската опсерваторија за авиони на својот профил на социјалните медиуми објави „Рускиот воен авион, кој полета од воздухопловната база „Хмејмим“ во Латакија во 10:02 часот, изврши воздушен напад врз селото Кенсафра, јужно од Идлиб, во 10:24 часот.“
Фирас Калифа, претставник на Службата за медиуми на цивилната одбрана, за АА изјави дека едно дете го загуби животот, а двајца цивили се ранети во воздушниот напад на рускиот воен авион врз селото Кенсафра во Идлиб.
Наведувајќи дека во нападот биле цел засолниште за животни и работилница за тули, Калифа соопшти дека исто така, во нападот настрадал голем број ситна стока.
Од друга страна, силите на режимот на Асад во текот на денот извршија артилериски напади врз селата Фатире, Бинин и Шинан во регионот Џебел Завије.
- Ситуацијата во Идлиб -
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за четири зони на деескалација во Идлиб и соседните провинции (Латакија, Хама и Алепо), но режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз три од овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Русија и Турција постигнаа дополнителен договор во Сочи на 17 септември 2018 година.
По краткотрајниот прекин на огнот, во мај 2019 година силите на режимот започнаа копнени операции за освојување на целата територија. Во тие операции на режимот и неговите поддржувачи, освоени се значајни територии во околината на Идлиб, подрачја северно и источно од Хама, како и рурални области што се наоѓаат јужно и западно од Алепо.
Министерството за национална одбрана на Турција на 10 јануари објави дека Турција и Русија се согласиле за прекин на огнот кој ќе започне на 12 јануари 2020 година во 00:01 часот, но режимот на Асад и неговите сојузници ги продолжија своите напади во Идлиб, игнорирајќи го прекинот на огнот.
По тоа претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин во Москва на 5 март 2020 обезбедија нов договор. Последниот договор за прекин на огнот стапи на сила на 6 март 2020 година, во 00:01 часот.
Иако силите на режимот повремено го прекршуваат примирјето, тоа во голема мерка се одржува.
Во периодот од 2017 до 2020 година приближно 2 милиони луѓе беа принудени да мигрираат кон границата со Турција поради нападите на силите на режимот и на Русија.