Ekipa
28 Јуни 2018•Ажурирај: 29 Јуни 2018
ДЕРА (АА) - Најмалку 25 цивили загинаа денес во воздушните напади на силите лојални на режимот на Башар ал Асад и неговите сојузници во градовите во јужната сириска покраина Дера, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Во воздушните напади на градот Ал Мусаифер, во источниот дел на Дера, загинаа 20 цивили, меѓу коi 5 деца“, се соопштува денес од сириската Невладина организација за заштита на човековите права „Набае“.
Од организацијата додаваат дека тројца цивили загинале во градот Даел, а уште две лица го загубиле животот во Нава.
„Ден претходно десетици цивили се убиени во одвоени напади на режимските сили и сојузниците низ Дера“, изјави за АА, Амер Абу Заид, припадник на локалната цивилна заштита.
Во изминатите десет дена Дера се наоѓа под интензивни воздушни напади од страна на силите на режимот на Асад, со поддршка на шиитските милициски групи.
Дера, вклучувајќи ја и соседна Кунејтра, е една од вкупно четирите таканаречени зони без судири за кои минатата година со посредство на Русија, Турција и Иран, во мировниот процес во Астана е договорено примирје и отворање на хуманитарни коридори.
Набргу потоа, Русија, САД и Јордан постигнаа посебен договор за воспоставување примирје во тој регион.
САД престанаа да доставуваат помош за тамошните бунтовници, а режимот на Асад ги игнорираше сите предупредувања и тргна во операција за заземање на оваа бунтовничка енклава.
Обединетите нации во вторникот предупредија дека во Дера се загрозени животите на најмалку 750.000 лица, а 45.000 мештани се принудно раселени.