Soner Kılınç
07 Март 2018•Ажурирај: 08 Март 2018
АФРИН (АА) - СОНЕР КИЛИНЧ - Ослободени се десет жени, кои две години беа заробени во затворите на сирискиот претседател Башар ал-Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Жените за тоа време биле изложени на мачење и силување. Со нив е ослободен и припадник на Слободната сириска војска. За нив се испорачани девет режимски војници.
Командантот на Слободната сириска војска, Мухамед Паша, за АА изјави дека жените пред две години на различни подрачја во околината на Идлиб и Хомс биле заробени од војниците на режимот на сирискиот претседател. Однесени се во затвори каде што биле изложени на мачења и силувања.
Размената е извршена во близина на селото Ебу Зејид во околината на Баб, а Паша изјави дека режимските војници ги затвориле жените без никаков повод и оправдување.
„Вложивме многу труд за да ги ослободиме жените, кои секојдневно веќе две години беа изложени на мачење и силување. Пред една година заробивме девет режимски војници. За нив (за размена) ги баравме жените, но и еден наш војник“, раскажа Мухамед Паша.
Видеоснимката од размената ја даде на новинарот на АА.
„Не постапувавме лошо кон режимските војници. Дури и во војна не постапуваме лошо кон заробеник. Меѓутоа, режимот на Асад ги направи сите можни лоши работи на ранливите, недолжни жени и девојки“, појасни Паша, наведувајќи дека биле многу лути кога ги слушнале приказните на ослободените жени.
Во Сирија сè уште се наоѓаат во заробеништво околу 7.000 жени. Мухамед Паша истакна дека меѓу нив се наоѓаат и над 400 малолетнички.