Ethem Emre Özcan,Ömer Koparan
05 Март 2025•Ажурирај: 07 Март 2025
АНКАРА / ДАМАСК (АА) – Подземни тунели полни со сефови и соби со блиндирани врати се откриени под вилата на Махер ал-Асад, братот на поранешниот сириски лидер Башар ал-Асад, во Дамаск, јавува Анадолу.
Анадолу доби пристап до вилата на Махер ал-Асад, командантот на некогашната елитна 4-та Оклопна дивизија на сега распаднатата војска на режимот.
Сместена на рид со поглед кон главниот град, во близина на автопатот Дамаск - Бејрут, трикатната вила располага со хелиодром во нејзиниот простран двор, опкружен со високи ѕидови.
Приземјето содржи гаража и просторија за состаноци, додека на најниското ниво се наоѓа оклопна врата што води кон мрежа на тунели.
Скалиште со 22 скалила води кон средното ниво со простор за одмор, по што следуваат уште 130 скалила што водат подлабоко во тунелите.
Овие подземни премини содржат електрични инсталации, вентилација, спални соби, кујна и бањи, сите заштитени со оклопни врати.
Во неколку простории од главниот тунел, кој се разгранува на лев и десен дел, се пронајдени испразнети сефови и дисплеи со луксузни часовници.
Две масивни оклопни простории остануваат затворени, а нивната содржина сè уште е непозната.
Мрежата на тунели, долга околу 3 километри, се протега до седиштето на 4-тата Оклопна дивизија, некогаш една од најмоќните воени единици на режимот на Асад.
Исто така, видлив е влез за возила што води кон автопатот Сирија - Либан.
Фајез Мохамед, чувар во вилата, за Анадолу изјави дека Махер ал-Асад го користел имотот како канцеларија и место за повлекување.
„Во тунелите под вилата има трезори“, рече тој.
„Сè уште има две простории со блиндирани врати што не можат да се отворат. Во вилата исто така се чуваат документи и записи на 4-тата Оклопна дивизија, вклучително и директиви и кореспонденција од Махер ал-Асад“, додаде тој.
Башар ал-Асад, кој владееше со Сирија речиси 25 години, избега во Русија на 8 декември, со што заврши режимот на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година.
Веќе следниот ден, Ахмед ал-Шара, лидерот на новата сириска администрација, кој беше назначен за претседател на 29 јануари, го задолжи Мухамед ал-Башир да формира влада што ќе ја води Сирија низ транзицискиот период.