Sena Güler
02 Август 2019•Ажурирај: 03 Август 2019
ИДЛИБ (АА) - Режимската власт на Башар ал Асад во Сирија вчера објави условно примирје во Идлиб, во кој Русија и Турција прогласија зона на деескалација за да ги спречат актите на агресија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Силите лојални на режимот, кои ги зајакнаа нападите во регионот кратко по договорот во Сочи од септември 2018 година, за време на 13. рунда мировни преговори за Сирија, во казахстанскиот град Нурсултан, прогласија условно примирје во деескалационата зона во Идлиб, почнувајќи од синоќа“, објави САНА, официјалната новинска агенција лојална на власта на Асад.
„Договорот предвидува терористите да се повлечат речиси 20 километри во длабочина од линијата на деескалација во Идлиб и да го повлечат тешкото и средно вооружување“, наведе САНА, цитирајќи воен извор.
Во разговор со новинарите по официјалните состаноци во склоп на мировните преговори, специјалниот руски пратеник за Сирија, Александер Лаврентиев, ја поздрави одлуката на режимот за прогласување примирје во Идлиб.
„Меѓу темите за разговори беа ситуацијата во деескалационата зона во Идлиб и во североисточниот дел на Сирија, мерките за градење доверба меѓу завојуваните страни, враќање на бегалците, хуманитарната ситуација и обновата по војната“, додаде Лаврентиев.
По разговорот, шеикот Рами Дош, претседавач со Врховното собрание на сириските племиња и кланови, изјави:
„Сирија припаѓа на сите. Доволна е за сè. Сепаратистичките организации не можат да ја поделат оваа земја“.
Дош додаде дека курдскиот народ страда поради терористичките акции на ЈПГ/ПКК, како и сите останати во регионот.
На разговорите присуствуваше и турската делегација, која ја предводеше заменик-министерот за надворешни работи, Седат Онал.
Главниот состанок на 13. рунда преговори ќе биде одржан денес со присуство на претставници на режимот на Асад и воените делегации на сириската опозиција.
На состанокот како набљудувачи ќе бидат присутни официјални претставници од Јордан, високиот комесар на ОН за бегалци и претставници на меѓународната Црвена полумесечина.
Разговорите во Нурсултан, претходно Астана, траат од јануари 2017 година, со Турција, Русија и Иран како земји гаранти.
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон продемократските протести.