Mehmet Yılmaz
26 Април 2018•Ажурирај: 27 Април 2018
БУДИМПЕШТА (АА) - Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто, го повика раководството на Европската Унија (ЕУ) да го забрзаат процесот на интеграции на Србија и Црна Гора, пренесува Anadolu Agency (AA).
„ЕУ мора да биде значително похрабра и побрза во процесот на проширување на Западниот Балкан. Оваа година треба да бидат отворени сите поглавја во преговорите со Србија и Црна Гора“, изјави Сијарто за Унгарската новинска агенција (MTI).
Потсетувајќи на претходните пораки на Европската комисија дека Србија и Црна Гора не можат да бидат членки на ЕУ до 2025 година, шефот на унгарската дипломатија Сијарто, изјави дека унгарската Влада не е задоволна со толку бавниот процес на ширење.
„Интеграцијата на земјите на Западен Балкан во ЕУ е интерес на цела Европа“, изјави Сијарто, и додаде дека Србија и Црна Гора не треба да чекаат на членство уште седум години.
Сијарто ја коментираше и неодамнешната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон, кој изјави дека проширувањето на ЕУ зависи од потребните реформи во ЕУ.
„За жал, таа изјава е доказ дека Западна Европа во вистинска смисла не го разбира овој регион. Западниот Балкан е регион кој може сериозно да ја разниша европската бебедност, но може и сериозно да придонесе за јакнење на безбедноста во Европа“, изјави Сијарто.