Safvan Allahverdi
07 Ноември 2017•Ажурирај: 07 Ноември 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Советот за безбедност на ОН објави соопштение во коешто го осуди насилството поради кое најмалку 607.000 припадици на муслиманското малцинство Рохинџа побегнаа од Мјанмар во Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓутоа, на синоќешната седница Советот за безбедност не ја усвои и резолуцијата од слична содржина, која би имала поголем легалитет од соопштението.
Резолуцијата ја поддржаа САД, Велика Британија и Франција, а усвојувањето го блокираше Кина, која како една од петте постојани членки на тоа тело на ОН, има право на вето.
Советот за безбедност во соопштението ја повика Владата на Мјанмар да обезбеди војската повеќе да не применува сила во покраината Аракан.
Во соопштението се изразува загриженост за кршењето на основните човекови права на муслиманското малцинство, кое е жртва на сите видови насилство.
Советот за безбедност, исто така, повика итно да се овозможи пристап на хуманитарните организации во Аракан.
Постојаниот амбасадор на Франција во Советот за безбедност, Франсоа Делатр, по синоќешната седница изјави дека пред очите на светската јавност во Мјанмар се одвива етничко чистење. Неговиот британски колега Џонатан Ален порача дека и соопштението е силна и јасна порака на Советот за безбедност за неопходноста од итно завршување на насилството.
Араканските муслимани веќе со години се зајзагрозеното етничко малцинство во светот, а од 25 август се соочуваат со нов бран насилства во мјанмарскиот регион Аракан.
Под изговор борба против милитантните групи, мјанмарската војска во изминатите недели урна најмалку 200 муслимански села, од кои стотици илјади жители беа принудени на бегство кон соседен Бангладеш.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, невозможно е да се зборува за точната бројка на настрадани лица во нападите на муслиманските населби. Шефот на бангладешката дипломатија, Абул Хасан Махмуд, претходно изјави дека се убиени најмалку 3.000 муслимани.