Riyaz ul Khaliq
15 Август 2019•Ажурирај: 16 Август 2019
АНКАРА (AA) - Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) ќе се состане утре за да разговара околу Кашмир, објавија денес пакистанските државни медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Развојот на настаните се случи откако министерот за надворешни работи на Пакистан, Шах Мехмуд Куреши, во вторникот и официјално побара од претседателката на Советот за безбедност, Јоана Вронецка, амбасадорка на Полска во ОН, вонреден состанок за спорот околу Кашмир, предизвикан од едностраниот потег на Индија на 5 август за промена на статусот на регионот кој е под нејзина контрола.
„Ова е голем успех за Кашмир и за Пакистан. Се случува дебата по многу децении“, објави државното радио на Пакистан.
Набргу откако Пакистан го повика телото на ОН да заседава, Кина, исто така достави официјално барање за седница за Кашмир.
„Кина побара затворени консултации за точката на агендата на Советот за безбедност „Прашањето помеѓу Индија и Пакистан“.
Советот за безбедност има 5 постојани членки и 10 непостојани земји членки, а во моментот со него претседава Полска.
Куреши испрати официјално писмо до Вронецка преку амбасадорката на Пакистан во ОН, Малеха Лоди, за свикување на состанокот. Писмото ќе биде споделено и со останатите членови на Советот.
На 5 август Индија ја укина ограничената автономија на спорниот регион Џаму и Кашмир кој е под нејзина контрола, што беше загарантирано според членот 370 од индискиот Устав.
Индиската Влада, предводена од премиерот Нарендра Моди, дополнително го подели регионот на „територии на Сојузот“ под централна контрола.
Регионот, во кој живеат над 12 милиони луѓе, е под целосена блокада, со масовно распоредување на трупи, со цел спречување на протести против овој потег на Индија. Индиската Влада ги отсече сите средства за комуникација на Џаму и Кашмир со надворешниот свет.