Diyar Güldoğan
26 Октомври 2017•Ажурирај: 27 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Украина и Авганистан, како и транспарентноста и намалувањето на ризиците се клучните прашања за коишто се дискутирало на состанокот на Советот НАТО-Русија во Брисел, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сојузниците на НАТО и Русија и понатаму имаат фундаментални разлики во врска со прашањето на Украина, за тоа како да се реши кризата во неа“, изјави Столтенберг по состанокот.
Тој рече дека конфликтот и понатаму ќе има длабоко влијание на безбедноста и стабилноста на евроатлантскиот регион.
„Подобрувањето на безбедносната ситуација во источна Украина останува приоритет, со цел придвижување кон целосна имплементација на договорите од Минск“.
Столтенберг рече дека ситуацијата и понатаму е кревка и понатаму се прекршува прекинот на огнот.
„Ги поздравуваме тековните дипломатски напори од сите страни, за промовирање на спроведувањето на договорите од Минск“, рече тој.
Столтенберг, исто така, рече дека искрено ги размениле своите ставови во врска со безбедносната ситуација во Авганистан како и за регионалните терористички закани.
„Нашите анализи значително се разликуваат, но сите ние имаме ист интерес во воспоставувањето безбедност и стабилност во Авганистан“, вели тој.
„Важно е дека сите ја поддржуваат Владата на национално единство. Ова е најдобриот начин за да се помогне во борбата против тероризмот во Авганистан и да се постигне поголема безбедност и стабилност за целиот регион“, рече Столтенберг.
Во врска со прашањето дали Русија ги поддржува талибанците во Авганистан, шефот на НАТО изјави дека Русија го негирала тоа, но за тоа прашање било дискутирано за време на состанокот.
Тој додаде дека НАТО ќе продолжи да го поддржува Авганистан и ќе помогне во обучувањето на безбедносните сили на земјата.
Столтеберг нагласи дека транспарентноста и намалувањето на ризиците се значајно прашање за Советот НАТО-Русија.
„Денес разменивме информации во врска со неодамнешните вежби“, изјави тој додавајќи дека НАТО и Русија се договориле да ја зголемат транспарентноста и предвидливоста во евроатлантската област.