МОСКВА (АА) - Многу сојузници на Соединетите Американски Држави (САД) во неодамнешно минато купија оружје од Русија, која е втор извозник на оружје во светот, пишува Агенција Анадолија (АА).
Според „Рособоронекспорт“, единствениот овластен извозник на руско оружје, Русија го продава своето оружје на 166 од 190 земји членки на Обединетите нации (ОН).
Главните купувачи на руско оружје се Индија, Виетнам, Кина и Бангладеш во Азија; Иран и Ирак на Блискиот Исток; Алжир во Африка и Никарагва во Латинска Америка, додека голем број земји од НАТО и сојузниците на САД исто така се здобија со руски воени производи.
Моментално, Русија има поврзаност на воен и технички план со Франција, Грција, Бугарија и Словачка, членките на програмата на НАТО Партнерство за мир - Финска, американските сојузници Јужна Кореја, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Кувајт, Јордан и Саудиска Арабија.
Руско-француската воена и техничка соработка се заснова на еден меѓувладин договор потпишан во 1994 година, кој им овозможува на двете држави да ги координираат активностите на полето на авијацијата и вселенската индустрија, лесното вооружување, оклопните возила, артилериското производство и бродоградбата.
Грција е еден од поголемите купувачи на руско оружје. Во различни временски периоди, Русија ја снабди Грција со воздушни одбранбени системи „Ѕ-300“, десантни чамци со воздушни перници, противтенковски ракетни системи, пешадиски воени возила, рачни фрлачи на гранати, артилериски инсталации, воени транспортни хеликоптери „Mi-26“, како и лесно оружје за специјалните сили.
„Рособоронекспорт“ смета дека модернизацијата на опремата од советско и руско производство е една од насоките кои ветуваат натамошен развој на руско-грчките односи на полето на воено-техничката соработка.
- Проширување на воената соработка -
Во соработката на Русија со Бугарија и Словачка доминира одржувањето и модернизацијата на воената опрема. На пример, Москва и Софија потпишаа договор за модернизација на хеликоптерите од типот „Mi“, а со Словачка за надградување на воените авиони „MiG-29“.
Врвот на руско-финската воена соработка беше во периодот 1991-1996 година, кога беа испорачани значителни количества оружје и воена опрема, која главно се состоеше од пешадиски воени возила „BMP-2“, самопогонска артилерија „2S5 Hyacinth-C“, воздушно-одбранбените системи „Buk-M1“. Митралезите „калашников“ од 7,62 милиметри се основнотo оружје во финската Aрмија.
Русија и Јужна Кореја потпишаа меморандум за разбирање за воена и техничка соработка во декември 2007 година. На ова му претходеа 10 години соработка кога Русија испорачуваше тенкови „Т-80“ на Јужна Кореја, оклопни возила „BMP-3“ и хеликоптери „Kа-32“.
Jордан се снабди со руско оружје во големи количeства во периодот на советската ера, а традицијата продолжи и во последните години. Двете земји имаат потпишано неколку договори, од кои најзначаен е договорот за развој и производството на лансери на гранати „RPG-32 Nashshab“. Русија ги надградува и воздушно-одбранбените системи испорачани претходно на Јордан.
Воено-техничката соработка со Кувајт се разви динамично во текот на 1970-тите и 1990-тите години. Значителна испорака на оружје и воена опрема беа реализирани во периодот 1994 - 1997 година.
Контактите за испорака на оружје со Обединетите Американски Емирати (ОАЕ) започнаа во 1990-тите години. Во рамки на договорите потпишани во 1994 и 1995 година, земјата доби значителен број оклопни возила „BMP-3“. Во август 2000 година ОАЕ од Русија го нарачаа ракетниот систем „Панцир-1“ - копно-воздух и антитенковски систем.
Во ноември 2006 година Русија и ОАЕ потпишаа договор за воена и техничка соработка, што креираше правна рамка за односите помеѓу двете земји во оваа област.
Договорот на Русија со Саудиска Арабија во 2017 година вреден 3,5 милијарди долари за испорака на оружје и опрема од воените експерти е оценет како голем успех на руската одбранбена индустрија.
- САД купуваат од Русија -
„Соединетите Американски Држави (САД) купуваа руско оружје со цел да го истражат“, изјави за Агенција Анадолија Павел Фелгенгауер, независен воен аналитичар.
„Во доцните 1990-ти, беше склучен договор за испорака на одбранбениот систем „S-300“. Прво, САД купија одредени елементи од „S-300“ од Белорусија; тие беа заинтересирани за контролниот центар, радарите и системите за таргетирање. Очигледно, не биле задоволни како се одвивал официјалниот договор за испорака на „S-300“, потпишан со посредство на канадска компанија“, рече Фелгенгауер.
Како што рече, договорот завршил со скандал, бидејќи САД платиле само за елементите кои сакале да ги истражат, а одбиле да платат за останатите делови од системот, иако биле произведени.
„Фабриката имаше големи проблеми затоа што доби само 30 милиони од вкупно 500 милиони долари, поради што не можеше да ги исплати платите на своите вработени, не можеше да ги подмири сметките со изведувачите. Сето тоа беше покриено од медиумите“, рече Фелгенгауер.
Експертот додаде дека Русија исто така купила американско оружје од трети земји за да го истражи, но дека потоа сите најголеми извозници на оружје започнале да се борат со оваа практика, не дозволувајќи продавање на комплицирани системи по единици, потпирајќи се на купување на големо.
Коментирајќи ја просторната распределеност на извозот на руско оружје, Алексеј Леонков, главен и одговорен уредник на воениот магазин „Домашен арсенал“, вели дека тој сѐ повеќе станува бизнис отколку политички ориентиран.
Тој нагласи дека соработката со земјите од „социјалистичкиот табор“ во моментот се сведува само на одржување, додека поголеми договори се склучуваат со нови земји, со кои претходно немале соработка.
„На крајот, Индија останува главниот увозник на руското оружје, уделот на НАТО земјите е незначителен. Нивото на руско-индиската соработка може да се илустрира од фактот што Русија го испорачува оружјето по елементи кои се склопуваат во Индија. Тоа е сведок на високото ниво на доверба, што може да се објасни само со долгорочната успешна соработка“, заклучи Леонков.