Gökhan Kavak
15 Јуни 2017•Ажурирај: 17 Јуни 2017
АБУЏА (АА) - Пратеникот на ОН за глобално образование, Гордон Браун, изјави дека речиси 11 милиони деца во Нигерија не се школуваат поради внатрешните судири и сиромаштијата во таа африканска земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Браун истакна дека кризата е најизразена во североисточниот дел на земјата, и за нигериската новинска агенција „NAN“ (НАН) изјави дека ОН ќе продолжи да ги поддржува локалните власти во подобрувањето на образовните услови и во интеграцијата на децата во образовниот систем.
Браун, кој е официјално лице на ОН и поранешен премиер на Велика Британија, исто така изјави дека девојчињата во Нигерија се соочуваат со многу препреки во образовниот систем и дека се жртви на чести киднапирања во училиштата.
Претседателот на нигерискиот Сенат, Букола Сараки, исто така укажа на проблемот што милиони деца не одат на училиште во таа земја и предупреди дека секое необразовано дете е „темпирана бомба“.
Најголем проблем во образовниот систем на Нигерија е сиромаштијата и безбедносните проблеми што ги предизвикува терористичката организација Боко Харам.