Ahmet Gürhan Kartal
09 Септември 2021•Ажурирај: 11 Септември 2021
ЛОНДОН (АА) - Британската Влада им даде овластување на своите гранични полициски сили да ги враќаат мигрантите кои пристигаат по морски пат, за да ги спречи да влезат во Велика Британија, што ќе доведе до спор со француските власти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Припадниците на граничните сили на Велика Британија се обучуваат за користење на тактиките за враќање на море за да се спречат мигрантите на чамци да стигнат до британскиот брег“, се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи на таа земја.
Сепак, новата тактика е предмет на спор меѓу британската министерка за внатрешни работи, Прити Пател и нејзиниот француски колега Гаралд Дарманин, кои се сретнаа во средата за да разговараат за миграцијата за време на Самитот на министрите на Г7.
Француските власти најверојатно ќе се спротивстават на предложените британски мерки, бидејќи Гералд Дарманин рече дека спречувањето на загубата на животи на море мора да биде на прво место, пренесува „Би-би-си њуз“ (BBC News).
„Заштитата на човечките животи на море има приоритет пред националноста, статусот и миграциската политика, заснована на строго почитување на меѓународното поморско право што регулира потрага и спасување на море“, рече францускиот министер за внатрешни работи.
Дебатата за новата тактика за враќање на мигрантите во француските води доаѓа откако повеќе од 1.500 мигранти оваа недела го преминаа Ла Манш.
Британските медиуми пренесуваат дека тактиката за враќање ќе се користи само доколку се смета за безбедна и во ограничени околности.
Тактиката предложена од британските власти веќе се користи во Егејското Море, на југот на Европа, каде што грчките власти ги враќаат мигрантите со чамци назад во турските води.
Турција и многу организации за човекови права во неколку наврати ја осудија илегалната практика на Грција за угнетување на барателите на азил, велејќи дека тоа ги крши хуманитарните вредности и меѓународното право и го загрозува животот на мигрантите, вклучително и на жените и децата.