Servet Günerigök
30 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Министрите за надворешни работи на Глобалната коалиција која се бори против терористичката организација ДЕАШ на 6 февруари ќе се состанат во Вашингтон, јавува Anadolu Agency (AA).
„На состанокот ќе учествуваат 79 членки на Коалицијата за да разговараат детално во врска со неизбежниот територијален пораз на ДЕАШ во Ирак и Сирија, кој е резултат од четиригодишните напори на Коалицијата и нашите партнери и значајната пресвртна точка кон нанесувањето траен пораз на ДЕАШ“, соопшти Стејт департментот.
Состанокот е најавен во пресрет на повлекувањето на американските трупи од Сирија, што го најави претседателот Доналд Трамп во декември, кој рече дека Коалицијата предводена од САД успеала во военото поразување на терористичката организација ДЕАШ.
Според соопштението, министрите ќе дискутираат за следната фаза на борбата против ДЕАШ во Ирак и Сирија, за која се вели дека ќе се фокусира на заштита од повторното активирање на организацијата, преку стабилизација и помош за безбедност.
„Министрите исто така ќе дискутираат за важните следни чекори во поразување на глобалната мрежа на ДЕАШ и ограноците надвор од Ирак и Сирија“, се вели во соопштението.
Коалицијата редовно се состанува за да ги координира и подобри заедничките напори за борба против ДЕАШ. Последниот министерски состанок се одржа во Брисел минатиот јули.