Muhammet İkbal Arslan
17 Април 2019•Ажурирај: 18 Април 2019
АНКАРА (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција ќе продолжи да им укажува на САД дека се погрешни нивните санкции кон Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот министер за надворешни работи, Чавушоглу, во Анкара го прими иранскиот колега Џевад Зариф, а по состанокот министрите им се обратија на новинарите, истакнувајќи дека имале конструктивен и многу корисен разговор.
Чавушоглу рече дека Турција е против продолжувањето на санкциите врз Иран и дека тоа јасно им го предочила на американските власти.
„Во наредниот период ќе продолжиме да им укажуваме на САД дека се погрешни санкциите против Иран“, рече Чавушоглу.
Истакнувајќи дека делегација од неколку турски министри вчера престојувала во службена посета на САД, Чавушоглу рече дека сите министри испратиле јасна порака.
„Министерот за трезор и финансии, Берат Албајрак, се состана и со американскиот претседател, Доналд Трамп, и му ги пренесе сите наши ставови и загриженост по тоа прашање. Тука е најважно да имаме заемна одлучност и солидарност“, рече Чавушоглу.
Шефот на иранската дипломатија, Зариф, рече дека Иран и Турција имаат многу добри односи и соработка, како на билатерален, така и на регионален план.
Тој информираше дека во Сирија имал долг состанок со Башар ал Асад и истакна дека извештајот од разговорот ќе му го предаде на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.