Ali Rezzakoğlu
25 Октомври 2021•Ажурирај: 26 Октомври 2021
КАРТУМ (АА) - Суданската војска го уапси премиерот на земјата и членови на цивилната Влада, соопштија денес официјални претставници во главниот град Картум, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за култура и информации истакна дека воени сили го уапсиле премиерот Абдала Хамдок откако тој одбил да го поддржи, како што е наведено, „државниот удар“.
Судански претставници, кои не сакаа да бидат именувани, претходно потврдија дека воените сили ја опколиле резиденцијата на Хамдок и го ставиле во домашен притвор.
Иако нема коментар од суданската Армија за развојот на настаните, Министерството соопшти дека Хамдок бил однесен на непозната локација.
Според локалните медиуми, министерот за индустрија Ибрахим ал-Шеик и министерот за информации Хамза Балул се меѓу уапсените министри.
Здружението на судански професионалци (SPA) повика на протести против, како што истакна, воениот удар против цивилната Влада.
Политичките партии во северноафриканската држава, вклучително и Арапската социјалистичка партија Баат и Суданската комунистичка партија, повикаа на граѓанска непослушност во знак на протест против „пучот“.
Во соопштението за медиумите го повикаа населението да се спротивстави на обидите на Армијата да ја преземе власта.
Очевидци изјавија дека во некои населби на Картум има протести против воениот удар.
Според репортерот на Агенција Анадолија на терен, низ големи делови на Картум прекинати се електричната енергија и интернетот.
По неуспешниот воен удар минатиот месец, во Судан избувнаа големи тензии меѓу војската и цивилната администрација.
Во петокот, илјадници про-воени поддржувачи организираа протести против преодната Влада на Хамдок во Картум, дополнително ескалирајќи ги политичките тензии меѓу цивилната администрација и Армијата.
Протестот се случи еден ден откако илјадници поддржувачи на про-цивилната Влада одржаа протести низ целата земја, додека про-воените демонстранти одржуваа протести пред претседателската палата во последните седум дена.
Во четвртокот вечерта, Хамдок ѝ се обрати на нацијата, пофалувајќи ги демонстрантите и вети дека неговата влада ќе продолжи да го поддржува цивилното владеење и демократскиот развој.
Со земјата моментално управува Суверен совет на воени и цивилни власти, кој го надгледува периодот на транзиција до изборите закажани за 2023 година, како дел од пактот за поделба на власта меѓу војската и коалицијата на Силите за слобода и промени.