Zafer Fatih Beyaz
17 Март 2022•Ажурирај: 18 Март 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, оствари телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Одделот за комуникации при турското Претседателство, на средбата се разговарало за последните случувања во врска со руско-украинската војна и хуманитарната состојба на теренот.
За време на средбата претседателот Ердоган истакна дека Турција го продолжува искрениот пристап што го покажува од самиот почеток за да обезбеди мир меѓу Русија и Украина.
Истакнувајќи дека доколку се прогласи траен прекин на огнот, ќе се отвори патот и до долгорочно решение, претседателот Ердоган изрази срдечна желба за позитивни резултати од разговорите меѓу Русија и Украина.
Тој наведе дека за постигнување консензус за некои прашања можеби ќе бидат потребни разговори на ниво на лидери и ја повтори својата понуда да биде домаќин на рускиот претседател Путин и украинскиот претседател Владимир Зеленски во Истанбул или во Анкара.
Нагласувајќи дека од војната нема да има корист ниту една страна и дека треба да се даде можност на дипломатијата, претседателот Ердоган рече дека има потреба од набљудување на хуманитарната состојба на терен и ефикасно и непречено функционирање на хуманитарните коридори во двете насоки.