Riyaz Khaliq Khaliq
26 Април 2023•Ажурирај: 27 Април 2023
ИСТАНБУЛ / МОСКВА (АА)
Кинескиот претседател Ши Џинпинг во телефонски разговор со украинскиот претседател Владимир Зеленски, прв телефонски разговор откако Русија започна војна против Украина, му рече дека Кина ќе прати специјален претставник во Украина, јавува Анадолу.
„Кина е доследна и јасна во својата подготвеност да развива билатерални односи со Украина. Двете страни треба да ја продолжат традицијата на заемно почитување и искреност и да го унапредат стратегиското партнерство меѓу Кина и Украина“, му кажа Ши на Зеленски, објави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Кина, Хуа Чунјинг.
Ши го повтори ставот на Кина за украинската криза, велејќи: „Кина секогаш стои на страната на мирот.“
„Основниот став на Пекинг е да ги олесни разговорите за мир“, изјави Ши.
„Кина не ја создаде украинската криза, ниту е страна во кризата. Како постојана членка на Советот за безбедност на ОН и одговорна голема земја, Кина не би седела со скрстени раце ниту, пак, би додала масло на огнот“, му рече кинескиот претседател на Зеленски.
Нагласувајќи ги дијалогот и преговорите како единствен остварлив пат напред, Ши рече:
„Кина ќе го прати специјалниот претставник на кинеската Влада за евроазиски прашања во Украина и другите земји за да има длабинска комуникација со сите страни за политичко решавање на украинската криза.“
„Се надеваме дека сите страни сериозно ќе размислат за кризата во Украина и заеднички ќе истражат начини да донесат траен мир и стабилност во Европа преку дијалог“, додаде тој.
Зеленски, од своја страна, рече дека неговиот телефонски разговор со Ши бил „долг и значаен“.
„Имав долг и значаен телефонски разговор со кинескиот лидер Ши Џинпинг. Верувам дека разговорот, како и назначувањето на амбасадорот на Украина во Кина, ќе дадат моќен поттик за развојот на нашите билатерални односи“, напиша Зеленски на Твитер.