Zehra Ulucak
28 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
ЗАМБОАНГА (АА) - Вооружените сили на Филипините ја потврдија веста дека припадниците на терористичката организација Абу Сајаф го погубиле киднапираниот германски државјанин Јирген Густав Кантнер, јавува Anadolu Agency (AA).
„Дојдовме до доверливи информации дека господинот Кантнер е убиен сурово и варварски“, изјави за филипинската телевизија полковникот на филипинската војска Едгард Аревало.
Претходно Абу Сајаф бараше 600.000 долари за ослободување на германскиот државјанин Кантнер, а по истекувањето на рокот, припадниците на оваа терористичка група го убија киднапираното лице. Вчера организацијата на интернет објави и видеоснимка од страотното погубување, обезглавување со нож.
Кантнер е киднапиран во ноември минатата година, од неговата јахта во близина на местото Сулу, а на јахтата е пронајдено и телото на неговата сопруга Сабине Мез, која биле убиена од страна на милитантите.
Од друга страна, филипинските безбедносни сили извршија операција во која е убиен Имам Јасин, еден од водачите на Абу Сајаф кој беше вмешан во голем број киднапирања на цивили.
Паралелно со тоа, терористите на Абу Сајаф денес ослободија осумгодишно момче кое заедно со неговото семејство го киднапираа во август минатата година, а за чие ослободување неодамна е уплатена бараната сума на пари.
Официјалните лица потврдија дека терористите го пуштија на слобода осумгодишното момче Роксон Ромок во градот Патикул, а претходно ослободените родители пред неколку дена платиле 59.700 долари на организацијата Абу Сајаф за ослободување на детето.