Fahri Aksüt
30 Октомври 2019•Ажурирај: 31 Октомври 2019
ТЕЛ АБЈАД (АА) - Жителите на сириски Тел Абјад велат дека терористите на ЈПГ/ПКК вршеле прогонство на населението и спроведувале економски притисок врз противниците на терористичката организација, јавува Anadolu Agency (AA).
Оние кои се спасиле од прогонот на ЈПГ/ПКК во Тел Абјад сега се среќни што се слободни повторно по антитерористичката операција на Турција.
„Животот во градот почнува да се враќа во нормала“, велат жителите за АА.
Абдулкерим ал Муса, кој е земјоделец, вели дека терористите на ЈПГ/ПКК вршеле дискриминација меѓу локалното население и дека страдале поради економскиот притисок вршен од нивна страна.
„Сета економска помош, нафтата и работните места беа одземени од терористите и нивните поддржувачи. Можевме да земеме само една векна леб. Дури и за тоа, требаше да имаме жолта картичка со слика на Абдула Оџалан, водачот на ПКК.“
„Терористите ги одредуваа цените на нашите производи. Тие ги купуваа нашите производи, но плаќаа само за она што сакаат“, изјави тој.
„Сите возила и терминали беа запленети од терористите кои не им дозволуваа на Арапите да ги користат“, додаде тој.
Тој исто така нагласи дека терористите не само што вршеле економски притисок, туку и прогон на населението, вклучувајќи ги и децата.
„Терористите насила ги регрутираа арапските деца и ги вооружуваа, ги запалија нашите куќи и запленија сѐ што имавме“, изјави тој.
Мухамед ал Хаџали, продавач на овошје, рече дека терористите насилно собирале придонеси од локалното население.
„Кога луѓето одбиваа, терористите не дозволуваа луѓето да работат“, рече тој.
„Терористите на ЈПГ/ПКК им помагаа само на своите поддржувачи, ја делеа нафтата и целата меѓународна помош само со нивните поддржувачи и ги искористија нашите ресурси.“
Иса Мухамед, сопственик на ресторан, рече дека тој им давал дел од заработката на терористите кои тие ја барале од него, само за да може да работи во Тел Абјад.
„Терористите не ни дозволуваа да работиме доколку одбивавме да им дадеме дел од заработката. Затоа им плаќав, но тоа беше премногу. Ја запленија сета моја годишна заработка“, изјави тој.
Тој додаде дека условите во подрачјето сега се подобри, благодарение на антитерористичката операција на Турција.
„Сега условите се подобри откако регионот е расчистен од теорирстите. Секако, ќе има одредени проблеми, но сè ќе биде подобро понатаму.“
Анкара и Москва постигнаа договор, според кој терористите на ЈПГ/ПКК ќе се повлечат 30 километри јужно од турската граница со северна Сирија во рок од 150 часа, а безбедносните сили на Турција и Русија ќе вршат заеднички патроли во тоа подрачје.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.