Dildar Baykan
05 Февруари 2020•Ажурирај: 05 Февруари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека американската нација е посилна од кога било претходно и посебно ги пофали економските резултати постигнати во текот на изминатите три години, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Годините на економско уназадување се зад нас. Одиме напред со брзина која пред кратко време беше потполно незамислива и никогаш нема да одиме назад“, изјави Трамп во традиционалниот говор за состојбата на нацијата пред двата дома на Конгресот.
Тој нагласи дека пред три години е започнато, како што рече, големото американско враќање, по што САД ставија посебен фокус на економскиот прогрес.
„Единствени победи кои се битни тука во Вашингтон се победите за сите Американци“, изјави Трамп, напоменувајќи дека со напорната работа овозможиле рекорден број млади Американци да имаат работа, како и дека на ниво на целата земја значително се намалени невработеноста, криминалот и сиромаштијата.
Тој истакна дека САД во изминатиот период склопиле многу добри трговски договори, додавајќи дека САД станале први во производство на гас и нафта, и дека американските граници конечно станале сигурни.
„Благодарение на неверојатниот напредок што го постигнавме овие три години, Америка сега во потполност е енергетски независна земја“, изјави Трамп и потсети дека на американските граѓани им ветил дека ќе воведе царини на кинеската стока, бидејќи таа земја им ја зела работата на Американците.
„Нашата стратегија на крајот дејствуваше и потпишавме нов договор со Кина кој ќе ги заштити нашите работници, нашата интелектуална сопственост, и ќе обезбеди милијарди долари во нашиот буџет“, изјави американскиот претседател.
Тој истакна исто така дека за потребите за јакнење на американската Војска биле потрошени 2,2 трилиони долари.
„Сега ги имаме најдобрите авиони, ракети, бродови и сета останата воена опрема, и сето тоа со американско производство“, изјави Трамп.
Тој повика на поголеми финансиски издвојувања за да САД бидат први на Марс, напоменувајќи дека сака Америка да биде „прва нација што ќе го постави своето знаме на Марс“.
Исто така истакна дека и понатаму ќе преземаат огромни напори да се заштити правото на граѓаните за носење оружје во САД.
Како успеси уште го наведе и неодамна објавениот блискоисточен мировен план, исчезнувањето на калифатот на ДЕАШ и убиството на нивниот водач Абу Бакр ал Багдади, и изградбата на ѕидот со Мексико што би го спречил влезот на нелегалните мигранти.
„Минатата недела го објавив револуционерниот мировен план меѓу Израел и Палестина. Со оглед на тоа што сите напори досега беа залудни, ние мора да бидеме одлучни и креативни за да обезбедиме стабилност во регионот. Мораме на милиони млади да им пружиме подобри шанси за иднината“, изјави Трамп.
Тој уште додаде дека САД и понатаму се одлучни да излезат од бесконечните војни на Блискиот Исток.
„Се обидуваме да ставиме крај на американските војни на Блискиот Исток, истовремно бранејќи ги животите на Американците.“
Тој напомена исто така дека иранскиот режим би требало да престане со напорите за развивање нуклеарно оружје и да го шири тероризмот и конечно да почне да работи во корист на својот народ.
„Поради на нашите силни санкции, иранската економија продолжува да се влошува. Можеме во краток период да им помогнеме, но тие се или премногу горди или премногу глупави за да бараат помош. Ние сме и понатаму тука. Да видиме кој пат ќе го изберат. Тоа во потполност зависи од нив“, изјави Трамп.
Ова исто така беше прв пат Трамп да се најде лице в лице со претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, највисокорангираната политичарка од редовите на демократите, откако најави дека против него ќе започне процес на отповикување. Трамп ѝ ја предаде копијата од говорот, но не се ракуваше со неа иако таа ја испружи раката.
Подоцна се случи уште поголем скандал кога Пелоси, откако го отслуша говорот на Трамп, пред сите присутни ги искина листовите хартија со неговиот говор.
Некои од демократските пратеници одбија да присуствуваат на годишното обраќање на претседателот Трамп, а меѓу нив и Александрија Окасио-Кортес.
Трамп со ова на некој начин зборуваше за своите постигнувања за да ги увери Американците да му дадат доверба за уште еден мандат на изборите на 3 ноември.