Vakkas Doğantekin
07 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, денес ја повтори заложбата на неговата администрација за повлекување на трупите од Сирија по телефонскиот разговор со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, пренесува Anadolu Agency (AA).
„САД, пред многу години, требаше да бидат во Сирија само 30 дена. Ние останавме, навлегувајќи подлабоко во битката, без цел на повидок“, напиша Трамп на Твитер.
Трамп истакна дека ДЕАШ беснеел во северниот дел на Сирија кога тој ја презел функцијата, но дека неговата администрација брзо поразила 100 проценти од терористичката организација, фаќајќи илјадници нејзини припадници, претежно од Европа.
Тој ја искритикува Европа за тоа што не сака да ги прими назад, во Европа.
„Ние ви направивме голема услуга, и сега вие сакате да ги држиме во американските затвори, што повлекува огромни трошоци. Тие се ваши за судење. Тие повторно рекоа „НЕ“, мислејќи, како и обично, дека САД секогаш се „наивкото“, за НАТО, за трговијата, за сè“, напиша Трамп.
Тој повтори дека ги повлекува американските трупи од конфликтните зони каде што нема национални интереси.
„Ние ќе се бориме онаму каде што ни е од корист, и ќе се бориме само за победа. Турција, Европа, Сирија, Иран, Ирак, Русија и Курдите сега ќе мора да ја решат ситуацијата, и за она што сакаат да преземат за заробените борци на ДЕАШ во нивното соседство“, вели Трамп.
Американскиот претседател истакна дека на Курдите, мислејќи на терористичката организација ЈПГ во Сирија, „им се исплатени огромни количини пари и опрема за да се борат со САД“.
„Тие со децении војуваат против Турција. Јас ја задржав оваа борба скоро 3 години, но време е да излеземе од овие смешни бескрајни војни, многу од нив племенски, и да ги донесеме нашите војници дома“, додаде Трамп.
Во изјавата доцна синоќа, Белата куќа истакна дека Турција наскоро ќе ја спроведе својата долгопланирана операција во северна Сирија.
„Вооружените сили на Соединетите Американски Држави (САД) нема да ја поддржат ниту ќе се вклучат во операцијата; силите на САД, поразувајќи го ДЕАШ, веќе нема да бидат во непосредното подрачје.“
Тоа дојде неколку часа по телефонскиот повик помеѓу турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и неговиот американски колега Трамп, за време на кој беше испланирана средба во ноември, според турски претседателски извори.
Турскиот претседател утрово, пред заминувањето во посета на Србија, истакна дека операцијата против терористичката група ЈПГ е неизбежна.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и голем број деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК.