Muhammed Yasin Güngör
03 Јануари 2025•Ажурирај: 04 Јануари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во серијата постови на социјалните мрежи објавени денес истакна дека Џо Бајден е најлошиот претседател во историјата на Америка, критикувајќи ја политиката на сегашната администрација, јавува Анадолу.
„Џо Бајден е најлош претседател во историјата на Америка, целосна и тотална катастрофа“, напиша Трамп, додавајќи дека постапките на Бајден и оние на неговите „насилници што се мешаат во изборите“ нема да бидат заборавени.
Тој особено се осврна на граничната политика на Бајден, тврдејќи дека довела до зголемени безбедносни закани.
„Нашата земја е катастрофа, предмет за потсмев низ целиот свет! Тоа се случува кога имате отворени граници“, објави Трамп.
Трамп, кој е познат по тоа што ги фаворизира високите увозни царини, повика и на промени во економската политика, најавувајќи враќање на приходите засновани врз царини.
„Тарифите и царините го создадоа ова огромно богатство за нашата земја. Да ја направиме Америка повторно богата“, напиша тој.
Предупредувајќи за, како што рече, „насилна ерозија на безбедноста, националната безбедност и демократијата“, Трамп вети дека ќе ги реши овие прашања по преземањето на функцијата на 20 јануари.
„Само силата и моќното лидерство ќе го спречат ова. Се гледаме на 20 јануари“, напиша Трамп, мислејќи на датумот на претседателската инаугурација.