Jeyhun Aliyev
05 Јануари 2020•Ажурирај: 06 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе го нападнат Иран со „сосема нова, убава опрема“, доколку Иран ги таргетира американските бази или американските државјани, по убивањето на високиот ирански генерал во американски воздушен напад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Соединетите Американски Држави (САД) само што потрошија 2 билиони долари за воена опрема. Ние сме најголеми и досега НАЈДОБРИ во светот! Ако Иран нападне американска база, или Американец, ќе испратиме дел од таа сосема нова, убава опрема... без двоумење!“, напиша Трамп на Твитер.
Во друг коментар на Твитер, Трамп исто така го советуваше Иран да не ги нападне САД, бидејќи земјата ќе возврати.
„Тие нè нападнаа и ние возвративме. Ако повторно нападнат, а јас силно ги советувам да не го прават тоа, ќе ги нападнеме толку тешко како никогаш досега!“
Касим Сулејмани, челникот на елитните сили Кудс на Исламската револуционерна гарда, беше убиен во петокот во напад пред аеродромот во Багдад. Во нападот со беспилотно летало беше убиен и Ебу Мехди ал Мухандис, постар командант на ирачките Народни единици за мобилизација.
Убивањето на Сулејмани предизвика драматична ескалација на тензиите меѓу САД и Иран, кои се на стаклени нозе од одлуката на Трамп, еднострано да ги повлече САД од Договорот за нуклеарна програма.
Врховниот лидер на Иран, Али Хаменеи, кој минатата година му ја врачи најголемата почест на Сулејмани, вети жестока одмазда како одговор на неговото убиство.
По смртта на американски изведувач во ракетни напади врз американска база во Ирак, Вашингтон во неделата изврши серија напади во кои загинаа најмалку 25 борци на Катаиб Хезболах, група поддржана од Иран.
Нападите беа први поголеми напади на САД врз група поврзана со Иран од повлекувањето на трупите од Ирак во 2011 година.
Во вторникот, Американската амбасада во Багдад беше нападната од голем број демонстранти.
Пентагон го обвини Сулејмани за планирањето на нападот врз Амбасадата, како и дека планира да изврши дополнителни напади врз американски дипломати и војници во Ирак и регионот.