Hakan Çopur
19 Септември 2017•Ажурирај: 19 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американската администрација, како што рече, многу сериозно работи на воспоставување мир на Блискиот Исток, јавува Anadolu Agency (AA).
„Многу сериозно работиме на тоа. Луѓето велат дека тоа не може да биде, но јас велам дека е возможно“, изјави Трамп за новинарите пред средбата со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, во Њујорк, во рамките на 72. заседание на Генералното собрание на ОН.
„Ќе разговараме за многу прашања, вклучувајќи го и прашањето за мир меѓу Палестинците и Израел. Мирот би бил фантастичен успех. Многу лица тврдат дека тоа нема да се случи, но мислам дека постои добра можност за тоа“, изјави Трамп.
Тој додаде дека САД ги прават потребните напори за воспоставување мир меѓу двете страни.
„Ќе видиме што ќе се случи“, порача американскиот претседател, напоменувајќи дека со Нетанјаху соработува во хармонија.
Нетанјаху за новинарите изјави дека сојузништвото меѓу Израел и САД е многу силно.
„Сојузништвото меѓу Израел и САД за време на Вашиот мандат е силно и длабоко како никогаш претходно“, изјави Нетанјаху.
Тој истакна дека на состанокот ќе разговараат за прашања од големо значење за Блискиот Исток, како и за прашањето за Иран.