ЊУЈОРК (АА) - Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, за време на својата предизборна кампања беше изјавил дека ќе ги депортира илегалните имигранти во матичните земји и ќе изгради ѕид на границата меѓу САД и Мексико. Се прават проценки колку тоа ќе ја чини Америка кога сите овие активности би биле реализирани.
Трамп и во периодот на предизборната кампања за претседателски кандидат, со конкурентите од редовите на Републиканската партија, и во периодот кога се натпреваруваше со Хилари Клинтон за претседател на САД, вети дека ќе ги депортира илегалните имигранти од државата, ќе изгради ѕид на границата меѓу САД и Мексико и ќе го забрани влезот за муслиманите во САД. Со овие изјави, тој го привлече вниманието на организациите за човекови права и предизвика реакција кај интелектуалците, но сепак, истовремено направи и сопствена база за поврзување со народот на САД.
По победата на Трамп, започнаа да се прават проценки колку тоа ќе ја чини Америка, кога сите овие активности би биле реализирани.
По избирањето на Трамп за претседател на САД, телевизискиот канал „Си-би-ес“, во својата емисија „60 минути“ даде информации дека првенствено ќе бидат депортирани околу 2-3 милиони лица кои имаат криминално досие, продавачи на дрога, членови на вооружени банди, додека за останатите ќе се одлучи откако границите ќе бидат безбедни и сѐ ќе се врати во нормала.
Трамп ги смени своите гледишта во врска со ѕидот на границата со Мексико, и изјави дека дел од границата со Мексико може да биде изграден и во вид на ограда.
И покрај ревизијата на ветувањата на Трамп, реализирањето на овие ветувања, и од економски, и од аспект на правен процес, е сериозна работа и ќе биде голем товар за државата.
Целосната депортација би чинела околу 100 милијарди долари
Се истакнува дека бројот на илегални имигранти во САД изнесува над 11 милиони лица. Во извештајот на Министерството за внатрешна безбедност на САД од 2012 година стои дека таа бројка изнесува 11,4 милиони илегални имигранти.
Се претпоставува дека со извршените депортации во периодот на претседателствувањето на Обама со САД, и зголемената безбедност на границите, бројката на илегални имигранти во САД денеска е под 11,1 милион лица.
Според статистиката од 2012 година, 52 отсто од илегалните имигранти се од Мексико, 15 отсто од Средна Америка, 12 отсто од Азија, 6 отсто од Јужна Америка, 5 отсто од Карибите, 5 отсто од Европа и од Канада, а останатите се од другите подрачја.
САД сѐ уште имаат капацитет годишно да депортираат 400-500 илјади имигранти, но со новите илегални преминувања, не се создава голема разлика во бројката на илегалните имигранти во државата.
Според постоечките капацитети, засега е невозможно да се спроведе ветувањето на Трамп за депортација на 2-3 милиони илегални имигранти од земјата веднаш по неговото преземање на претседателската функција.
Според извештајот на организацијата „Американски форум за акција“ (AAF), во моментов во САД се вработени 5.000 лица кои се задолжени за откривање на илегалните имигранти. За да може да се спроведе планот за целосна депортација на сите илегални имигранти, потребно е бројката на овие лица да изнесува најмалку 90.000.
Според истата организација, за периодот кој престои пред депортацијата на илегалните имигранти, потребно е постоечките капацитети од 34.000 легла да се зголемат на 348.000. Бројката на имигрантски судови од 57 да се зголеми на 3.216, а бројката на 1.430 судии да се зголеми на 32.000. Се очекува да се зголеми и бројот на авионски летови и автобуси за транспорт.
Организацијата AAФ претпоставува дека за спроведување на сето ова во наредните две години ќе бидат потребни од 100 до 300 милијарди долари.
Депортацијата на еден имигрант чини 12.500 долари
За да се изврши депортација на еден илегален имигрант од САД, има низа трошоци: за откривање на имигрантот, трошоци за негово приведување во прифатните центри, трошоци за судска постапка и останати трошоци.
Сите овие работи ги надгледуваат единиците за имиграција и царина, коишто се дел од Министерството за внатрешна безбедност на САД. Според податоците од 2011 година, трошоците на процедурата за депортација на еден илегален имигрант изнесуваат околу 12.500 долари.
Според тоа, доколку Трамп по доаѓањето на власт изврши депортација на 2 милиони лица, ќе бидат потребни 25 милијарди долари, додека за 3 милиони лица, ќе бидат потреби 37,5 милијарди долари.
За целосна депортација на 11-те милиони илегални имигранти ќе бидат потребни 137,5 милијарди долари.
Тоа се средства што ќе бидат потрошени само од страна на буџетот на државата. Тоа ќе предизвика загуба на работна сила, а тоа вди кон зголемување на трошоците, и се претпоставува дека тоа во приватниот сектор би можело да се рефлектира со годишно намалување на приходите од стока и услуги од 300 до 400 милијарди долари.
Правни тешкотии во процесот на депортација
Покрај финансиските трошоци што се јавуваат при депортацијата на илегалните имигранти, постојат и други тешкотии како што се правната процедура и прашањето за прекршување на човековите права.
Според законите на САД, за да се изврши депортација во матичните земји, потребна е одлука на судот. Има само 57 судови што ги водат ваквите случаи.
Илегалните имигранти понекогаш чекаат и по две години во притвор, во прифатните центри, за да излезат пред овие судови.
Трамп во предизборната кампања беше изјавил дека за депортација на илегалните имигранти не е потребна судска постапка, дека ќе бидат вратени онака како што пристигнале во САД, но за ова ќе биде потребно да се извршат измени на законските регулативи.
Една од најголемите критики што беа упатувани до Трамп за неговата политика за депортација беше дека се прекршуваат човековите права.
Се вели дека доколку биде извршена депортација, тогаш голем број семејства ќе бидат растурени, а на голем број лица кои оформиле дом и бизнис, ќе им бидат одземени човековите права.
Организацијата „Хјуман рајтс воч“ (HRW) е загрижена дека американската администрација којашто со години поради казна за недозволена брзина депортира имигранти, на Трамп ќе му даде можност да го забрза тој процес.
„Хјуман рајтс воч“ упати апел до Трамп да не ги разделува семејствата, бидејќи ќе останат оние што добиле американско државјанство, но истовремено ќе има голем број жени и деца за кои не ќе има кој да се грижи.
Обама за 6 години депортираше 2,4 милиони лица
Според статистичките податоци, бројката на илегални имигранти, којашто постојано се зголемувала до 2007 година, за време на мандатот на Обама била во стагнација.
Според Одделот за внатрешна безбедност, администрацијата на Обама во периодот од 2009-2014 година депортирала 2,4 милиони лица. Овие податоци, споредени со претходните администрации се наоѓаат на рекордно ниво.
И Трамп во една своја изјава го потсети Обама за оваа негова ефикасност, тврдејќи дека се игнорираат примените на администрацијата на Обама.
Дали Трамп ќе го одржи зборот за ѕидот?
Покрај тоа што Трамп доби остри критики за неговите изјави во периодот на предизборната кампања, дека ќе постави ѕид на границата со Мексико, тоа истовремено е и точка на интерес на голем број лица – дали ѕидот ќе биде изграден.
По победата на изборите и изјавите на Трамп во врска со спорниот ѕид, може да се забележи дека тој не планира да се повлече во врска со неговите изјави за ѕидот.
Трамп рекол дека границата нема да биде целосно затворена со ѕид, туку во некои делови таа ќе биде затворена со ограда.
Границата меѓу САД и Мексико, за која се знае дека е една од најпорозните граници, се протега во должина од 3.100 километри.
Трамп сака дел од ѕидот во должина од 1.600 километри да го наплати од Мексико.
Исклучително се интересни процените околу цената на изградбата на ѕидот меѓу двете држави.
Иако Трамп изјавува дека изградбата на ѕидот би чинела 8 милијарди долари, поставувањето на постоечката ограда на границата, во должина од 1.050 километри, изнесувало 7 милијарди долари. Според изјавата на Трамп, кој посакува ѕидот на границата да биде со висина од најмалку 10 метри, се процемува дека овој џиновски ѕид би чинел околу 25 милијарди долари.
news_share_descriptionsubscription_contact
