Dildar Baykan
19 Септември 2019•Ажурирај: 20 Септември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, за евентуалната интервенција во Иран изјави дека само со еден телефонски повик САД можат да влезат во една земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Трамп, анализирајќи ја изградбата на ѕидот во Калифорнија, на границата со Мексико, што е во тек, ги информираше новинарите за тамошниот процес.
За евентуалната американска интервенција во Иран, Трамп изјави: „Со време ќе видиме што ќе се случи на Блискиот Исток. Секогаш е лесно да се интервенира. Само со еден телефонски повик можеме да влеземе во која било земја. Не е услов тоа да се случи денес. Може да се случи утре, може да се случи по две недели“.
Во врска со минатонеделното разрешување на Џон Болтон од функцијата советник за национална безбедност на Белата куќа, Трамп истакна дека имале различни мислења по многу прашања, додавајќи: „Луѓето како Болтон сакаа да влезат во Ирак и работите не минаа добро. Станавме полиција на Блискиот Исток. Тоа е застрашувачко“.
Истакнувајќи дека со изградбата на ѕидот на јужната граница на САД ќе биде решена илегалната мигрантска криза, Трамп рече: „Отсега натаму нема да можат да доаѓаат повеќе луѓе.“