Diyar Güldoğan
04 Февруари 2025•Ажурирај: 05 Февруари 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денес во Белата куќа ќе се состане со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, јавува Анадолу.
По разговорите, кои ќе ја обележат првата средба на Трамп со странски лидер од неговата инаугурација на 20 јануари, се очекува тој и Нетанјаху да одржат прес-конференција.
Нетанјаху се наоѓа во Вашингтон во време додека трае прекинот на огнот помеѓу Израел и палестинската група Хамас во Појасот Газа, каде што повеќе од 47.500 Палестинци се убиени од 7 октомври 2023 година.
Вчера Трамп изјави дека не може да гарантира дека ќе се одржи прекинот на огнот во Газа и на новинарите во Овалната соба им рече дека „нема гаранции“ дека ќе остане на сила.
Пред да замине во неделата Нетанјаху за новинарите изјави дека ќе има „многу важен состанок“ со Трамп за да разговара за „победата над Хамас, ослободување на сите наши заложници и справување со иранската терористичка оска во сите нејзини компоненти“.
Нетанјаху ќе се соочи со бран протести во текот на престојот во САД.
Пропалестинските демонстранти, вклучително и американските антиционистички ортодоксни Евреи, планираат демонстрации против Нетанјаху.