Murat Özgür Güvendik
28 Јануари 2025•Ажурирај: 30 Јануари 2025
КЕЈПТАУН (АА) - Досега 13 јужноафрикански војници се убиени во насилните судири со бунтовничките групи во источниот дел на Демократска Република Конго (ДРК), известува Анадолу.
Четворица Јужноафриканци се убиени во судирите меѓу војниците од Мисијата на Јужноафриканската развојна заедница (SADC) и членовите на бунтовничката група Движење „23 март“ (М23) околу градот Гома во провинцијата Јужно Киву, изјави за медиумите Сифиве Дламини, портпаролот на Јужноафриканските национални одбранбени сили (SANDF).
Дламини информираше дека бројот на јужноафрикански војници кои загинале во судирите што продолжуваат од 24 јануари се зголемил на 13.
Дламини рече дека во тек се напори да се вратат во земјата посмртните останки на јужноафриканските војници кои загинаа во ДР Конго и додаде:
„Враќањето (на телата) ќе биде можно само откако ќе заврши обдукцискиот процес. Поради нестабилната ситуацијата во ДР Конго, не можеме да дадеме датум кога телата може да се вратат назад“.
SADC има 2.900 војници во источните провинции Северен Киву и Јужен Киву како поддршка на Вооружените сили на Демократска Република Конго (FARDC) во нивната борба против вооружените групи со цел враќање на мирот во регионот.
На истокот на ДР Конго се водат жестоки судири меѓу безбедносните сили и припадниците на „М23“, кои во последните недели презедоа контрола врз многу стратешки важни области во регионот.
- Судири во ДР Конго
Повеќе од 400.000 луѓе се раселени од почетокот на годината поради тековните насилни судири меѓу М23 и безбедносните сили на истокот на ДР Конго.
Откако ја презеде контролата врз многу села и градови во регионот, М23 неодамна го опколи и Гома, главниот град на провинцијата Северен Киву, со популација од околу 1 милион, правејќи ги неупотребливи градските системи за електрична енергија и вода.
Обединетите нации и Демократска Република Конго ја обвинуваат Руанда за поддршка на М23, а Руанда ги негира тврдењата.
Нападите на М23 доведоа до дипломатски тензии меѓу ДР Конго и Руанда. На 26 јануари Демократска Република Конго ги отповика сите свои дипломати од Руанда и целосно се прекинати односите меѓу двете земји.
М23, познато и како Револуционерна армија на Конго, е создадено по пропаѓањето на мировниот договор потпишан на 23 март 2009 година, и го сочинуваат членови на племето Тутси, на кое му припаѓа и претседателот на Руанда, Пол Кагаме.