Asiye Latife Yılmaz
24 Јули 2025•Ажурирај: 25 Јули 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Денес Турција, заедно со 9 други земји од Арапската лига и Организацијата за исламска соработка (ОИС), остро го осудија одобрувањето на таканаречениот „израелски суверенитет“ над Западниот Брег од страна на израелскиот Кнесет, известува Анадолу.
Турското Министерство за надворешни работи објави соопштение во кое наведе дека страните, вклучувајќи ги Бахреин, Египет, Индонезија, Јордан, Нигерија, Палестина, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), ја сметаат оваа декларација за „очигледно и неприфатливо кршење на меѓународното право“.
Во соопштението се додава дека декларацијата очигледно ги крши клучните резолуции 242 (1967), 338 (1973) и 2334 (2016) на Советот за безбедност на ОН, кои ги отфрлаат сите мерки што ја легитимизираат окупацијата, вклучително и населбите на палестинските територии окупирани од 1967 година.
Турското МНР објави дека страните „повторно потврдуваат дека Израел нема суверенитет над окупираната палестинска територија“, нагласувајќи дека овој едностран израелски акт нема правен ефект и не може да го промени правниот статус на окупираната палестинска територија, особено Источен Ерусалим, кој останува нејзин составен дел.
Во соопштението, исто така, се нагласува дека ваквите израелски акции „само ја поттикнуваат растечката тензија во регионот“, која е влошена од израелската агресија врз Појасот Газа, и предизвиканата хуманитарна катастрофа во палестинската енклава.
Страните ја повикаа меѓународната заедница, вклучително и Советот за безбедност и сите релевантни актери, да ги преземат своите правни и морални одговорности, се додава во соопштението.
Турското Министерство повика на прекин на „нелегалните политики на Израел насочени кон наметнување на свршен чин со сила“, кои ги поткопуваат изгледите за праведен и траен мир и за решение со две држави.
„Тие, исто така, ја потврдуваат својата посветеност на решението со две држави врз основа на меѓународната легитимност и Арапската мировна иницијатива“, се наведува во соопштението на турското Министерство, истакнувајќи ја нивната поддршка за реализација на независна, суверена палестинска држава на границите од 4 јуни 1967 година, со Источен Ерусалим како нејзин главен град.