Ekip
15 Август 2019•Ажурирај: 19 Август 2019
АБИЏАН (AA) - Пазарот во поранешниот главен град на Брегот на Слоновата Коска, Абиџан, е еден од најфреквентните трговски центри во Западна Африка, а собира бројни трговци од тој дел на африканскиот континент, јавува Anadolu Agency (AA).
Абиџан, со оглед на тоа дека е најголем град и најважно пристаниште во државата, де факто и понатаму е нејзин неофицијален главен град. Во Абиџан живее петина од популацијата на Брегот на Слоновата Коска.
Од пристаништето во Абиџан се извезува кафе, какао, дрво, банана, ананас и друга стока. Тој е најголем индустриски центар во земјата со развиена прехранбена, дрвна, текстилна, градежна, хемиска и автомобилска индустрија.
Во Абиџан се наоѓаат и голем број пазари и маркети, а еден од најголемите е секако пазарот „Аџеме“, што на локален јазик значи „раскрсница“ или „центар“. Овој пазар е отворен 24 часа седум дена во неделата и важи за еден од најзначајните и најфреквентните економски и трговски центри во тој дел на африканскиот континент.
Освен трговците од Брегот на Слоновата Коска, на овој пазар се присутни и голем број трговци од соседните земји, Буркина Фасо, Гана, Гвинеја, Либерија и Мали.
Фоторепортерот на АА забележа необично убави фотографии од шареноликиот пазар во Абиџан.