Talha Yavuz
23 Февруари 2022•Ажурирај: 24 Февруари 2022
КИЕВ (АА) ‒ Министерството за надворешни работи на Украина ги повика украинските граѓани во Русија што поскоро да ја напуштат земјата, јавува Агенција Анадолија (АА)
Во соопштението на Министерството се наведува дека може да има ограничувања на конзуларните служби во Русија поради „растечката агресија на Русија врз Украина“.
Во соопштението се советуваат украинските граѓани да избегнуваат посета на Русија, а оние кои се таму, да ја напуштат земјата што е можно поскоро.
Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот изјави дека Договорот од Минск престанал да постои кога Русија ги признала отцепените украински региони Доњецк и Луганск како независни држави.
На прес-конференција во Москва, Путин рече дека Русија осум години се борела за имплементација на Договорот, додека украинските власти ја попречувале да го стори тоа.
САД со своите европски сојузници тврдат дека Русија го подготвува теренот за инвазија на Украина, уште откако распореди повеќе од 100.000 војници и тешко оружје на украинската граница.
Русија негира дека се подготвува за инвазија и ги обвини западните земји дека ја поткопуваат нејзината безбедност со проширувањето на НАТО кон нејзините граници.
Москва во 2014 година почна да ги поддржува сепаратистичките сили во источна Украина против Централната влада. Според Обединетите нации, конфликтот однесе повеќе од 13.000 животи.