Ömer Tuğrul Çam
21 Април 2023•Ажурирај: 22 Април 2023
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, најави дека украинскиот претседател Владимир Зеленски ќе присуствува на Самитот на НАТО што ќе се одржи од 11 до 12 јули во главниот град на Литванија, Вилнус, јавува Анадолу.
Столтенберг одговари на новинарски прашања пред состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина, чиј домаќин е САД, во воздухопловната база Рамштајн во Германија.
Тој потсети дека вчера првпат ја посетил Украина откако Русија ја нападна на 24 февруари 2022 година, нагласувајќи дека на средбата со Зеленски ја пренел пораката дека ќе ја поддржат Украина докрај.
„Разговаравме и со претседателот Зеленски за подготовките за Самитот на НАТО што ќе се одржи во јули во Вилнус. Го поканив на состанокот на Самитот. Се чувствувам среќен што ја прифати мојата покана и ќе учествува на Самитот“, рече Столтенберг.
Потсетувајќи дека земјите членки на НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година одлучија Украина во иднина да стане членка на НАТО, тој рече дека со Зеленски разговарале за прашањето за неговата земја во НАТО, како и за безбедносните гаранции.
„Еден ден, кога оваа војна ќе заврши, мора да се погрижиме историјата да не се повтори, Русија повеќе да не се бори против Украина, да не ја уништува европската безбедност. Затоа мора да разговараме за безбедносната рамка“, рече тој.
Столтенберг потсети и дека во неговата вчерашна посета на Киев ја пренел пораката дека „заслуженото место на Украина е во НАТО“, нагласувајќи дека Украина мора да продолжи да постои како суверена и независна земја и затоа НАТО мора да продолжи да ја поддржува.