Burç Eruygur
27 Февруари 2023•Ажурирај: 28 Февруари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски соопшти дека потпишал укази за воведување дополнителни санкции кон Русија, откако Европската Унија (ЕУ) во петокот го усвои својот 10-ти пакет санкции против Москва, јавува Анадолу.
„Потпишав три укази за имплеменрација на одлуките на СНБО [Советот за национална безбедност и одбрана] против Русите кои се вмешани во киднапирање на украински деца, против претставниците на рускиот спортски сектор кои се обидуваат да го стават спортот во служба на агресијата, и против оние кои помагаат во одржувањето на платенички структури во Русија за војната против Украина и сите слободни луѓе“, истакна Зеленски во своето обраќање доцна синоќа.
Во указите објавени од украинското Претседателство, се истакнува дека секретарот на Советот за одбрана на земјата, Олексеј Данилов, ќе биде одговорен за следење на имплементацијата на одлуката, додека Кабинетот на министри, заедно со Службата за безбедност на Украина и Националната банка на Украина ќе обезбедат „спроведување и следење на ефективноста“ на санкциите.
Се истакнува и дека украинското Министерство за надворешни работи ќе има задача да ги информира властите во ЕУ, САД и другите земји за примената на санкциите, и да го покрене прашањето за воведување слични рестриктивни мерки.
Зеленски во своето обраќање нагласи дека притисокот на Украина врз Русија ќе продолжи, како и оние воведени од останатиот свет.
Зеленски претходно истиот ден потпиша указ за разрешување на командантот на Здружените сили на Украинските вооружени сили, генерал-мајор Едуард Москалев од неговата должност. Не се дадени информации за причините за смената на Москалев.
Во петокот, земјите членки на ЕУ одобрија нови санкции против Русија, со нови трговски забрани и извозни контроли на производи и технологии кои можат да се користат за цивилни и воени цели.