Muhammet Tarhan
15 Март 2020•Ажурирај: 16 Март 2020
АНКАРА (АА) - МУХАМЕД ТАРХАН -
Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека како резултат на граѓанската војна која во Сирија трае веќе 9 години, вкупно 7,5 милиони деца имаат потреба од итна помош, од кои 5 милиони се на територијата на Сирија, а 2,5 милиони во соседните земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот на УНИЦЕФ се нагласува дека во граѓанската војна во Сирија, во периодот од 2014 до 2019 година загинале 5.427 деца.
Во овој извештај се нагласува дека од декември 2019 година досега, дневно во просек 6.000 деца во северозападниот дел на Сирија биле раселени внатре во земјата, додека заклучно со крајот на 2019 година, 2,6 деца биле раселени во Сирија.
Според овој извештај, вкупно 7,5 милиони деца имаат потреба од итна помош, од кои 5 милиони се на територијата на Сирија, а 2,5 милиони во соседните земји.
Во извештајот се вели дека од 2011 година кога започна војната, досега биле родени околу 6 милиони сириски деца, од кои 4,8 милиони во Сирија и околу 1 милион во соседните земји.
Се истакнува дека бројот на сириските деца кои не можат да одат во училиште во земјата, достигна 2 милиони, додека над 800.000 деца во соседните земји не можат да се стекнат со образование.
Во овој извештај се нагласува дека во рамки на граѓанската војна која продолжува, две од секои пет училишта не се користени за образование поради различни причини, како рушење, оштетување, користење за воени цели или како засолниште од страна на семејствата.
Според извештајот, во периодот од 2014 до 2019 година биле извршени напади врз 478 училишта и згради во кои се изведувало некаков вид образование, и околу 180.000 образовен персонал, вклучувајќи ги и наставниците, биле принудени да ја остават работата.
Од денот на започнување на граѓанската војна досега, за 20 пати се зголемени цените за основни средства за храна, и десетици илјади деца под петгодишна возраст се недоволно хранети.
Во извештајот на УНИЦЕФ се истакнува дека здравствените услуги во Сирија делумно работат или воопшто не работат, и дека секоја трета бремена жена и доилка во северозападниот дел на земјата е анемична.
Во овој извештај се вели дека 82 отсто од сириските мигранти живеат во околните земји, и дека поголемиот дел од семејствата во Ирак и Либан имаат потешкотии од обезбедување здравствени услуги поради различни причини.
Според извештајот, УНИЦЕФ има итна потреба од 682 милиони долари со цел да ги исполни потребите на децата и нивните семејства во Сирија и во соседните земји.