Şeyma Erkul Dayanç
12 Мај 2026•Ажурирај: 12 Мај 2026
Речиси едно од седум деца во Белгија живее под прагот на сиромаштија, се наведува во извештајот објавен денес од истражувачкиот центар на УНИЦЕФ, „Иноченти“, во кој се споредуваат индикаторите за благосостојба на децата меѓу земјите со високи приходи, пренесува новинската агенција „Белга“, пренесува Анадолу.
Во извештајот се наведува дека 14,4 отсто од децата во Белгија живеат во домаќинства што заработуваат помалку од 60 отсто од медијалниот приход во земјата, со што Белгија се најде на 11-то место од вкупно 41 држава опфатени во истражувањето.
УНИЦЕФ вели дека економските разлики се поврзани со послаби образовни постигнувања и полоши резултати во однос на физичкото здравје кај децата.
Белгија е рангирана на седмото место во категоријата физичко здравје кај децата, поради релативно ниската стапка на смртност кај децата, иако во извештајот се забележува дека околу 20 отсто од децата во земјата имаат прекумерна тежина.
Извештајот исто така покажува дека Белгија е меѓу земјите со подобри резултати во однос на нееднаквоста на приходите.
Според наодите, приходот на најбогатите 20 отсто од домаќинствата бил 3,57 пати поголем од оној на најсиромашните 20 отсто, со што Белгија се најде на петтото место според овој параметар.
Белгија забележа понизок ранг кај останатите показатели, вклучително и кај стапката на самоубиства меѓу младата популација, позиционирајќи се на 24-тото место.
Извештајот исто така укажува на разликите во академските постигнувања меѓу различните имотни групи, наведувајќи дека 91 отсто од децата кои потекнуваат од семејства со високи приходи стекнуваат основни познавања по читање и математика, во споредба со 45 отсто од децата кои потекнуваат од семејствата со најниски приходи.
УНИЦЕФ Белгија повика на задржување на мерките за детска заштита и зголемување на минималните плати, истовремено апелирајќи за преземање чекори за намалување на нееднаквоста во образованието и зголемување на пристапот до социјални станови.
Организацијата дополнително повика на приспособување на обесправените подрачја за да станат посоодветни за децата, како и на поинтензивна соработка со семејствата.
Холандија, Данска и Франција се земјите кои се најдоа на самиот врв на листата во меѓународната споредба.
Белгија беше исклучена од севкупното рангирање поради недоволно податоци поврзани со менталното здравје.